Македонија
1. August 2021 - 16:34

Канадерите нема да полетаат и ова лето, на испомош за пожарите армиските хеликоптери

Хеликоптерите на армијата се единствен начин во земјава за борба со огенените стихии од воздух. Ер тракторите или авионите за гаснење на пожар кои се под ингеренции на Дирекцијата за заштита и спасување веќе две години се надвор од функција.

-На нив не можеме да сметаме ова лето, затоа што застојот кој што постои нема да биде отстранет следните неколку месеци- изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Судејќи според почетокот, сезоната на пожарите ќе зема се поголем замав. Само во источниот регион, изминатите 20-тина денови се регистрирани неколку големи пожари. Гореа куќи, фотоваолтаични централи, земјоделски површини и повеќегодишна шума. Освен пожарникарите, во гаснењето се вклучи и локалното население.

-Градоначалниците мора под итно да ги подготват и противпожарните единици, но и локалната самоуправа, кои го имаат, условно да го наречам, резервен состав од вработените и доброволци од страна на граѓаните, бидејќи пожарите се гасат од земја. Од воздух можат само делумно да се изгаснат, но доколку беснеат 2-3 пожари, ние сме немоќни-изјави Ангелов.

Ангелов додаде дека и многу посилни економии од нашата не можат да се справат со пожарите, затоа е најважно да се работи на превентива. Штетите од досегашните пожари се огромни, но за среќа нема човечки жрвти.