Македонија
27. February 2022 - 19:48

Камперите од Крани на протест

Сопствениците на околу 400 камп приколки во Автокампот Крани денеска излегоа на протест затоа што се револтирани од новите договори кои им се понудени од концесионерот, а велат дека за нив се неприфатливи бидејќи цената е многу висока и според нив е зголемена за 100% во однос на ланската. Од 2015 година до 2021 година тие плаќале 19.500 денари со ДДВ со вклучена електрична енергија и други трошоци.

-Со новиот договор закупнината изнесува 27.900 денари со ДДВ, а дополнително на тоа наметнува поставување контролни електрични броила, кои тој ќе ги набави, а ние ќе ги платиме по 5500 денари по камп приколка. Дополнително сме обврзани да плаќаме и индустриска цена. Оттука според нашите пресметки, оваа сезона ќе чини 45.000 денари плус купувањето на електричното броило, вели Владе Атанасовски, сопственик на камп приколка во АК Крани.

На протестот како поддршка дојде и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, кој истакна дека надлежностите во овој дел на локалната самоуправа се мали.

-Затоа, она што најмногу може да го направиме е во наредната недела да иницирам средба на медијаторство на двата субјекти и заеднички да почнеме да го решаваме овој проблем, рече тој.

Според концесионерот, Никола Трпеновски, покачувањето на цената е неизбежно.

-Главни трошоци во формирањето на цената се минималната плата, која од 2015 до 2022 се промени од 9000 на 18.000, како и цената на струјата, во претходната година струјата се покачи за 100% на регулираниот пазар односно 400% на слободниот(среќа сме на регуларниот). Цената на кампувањето се промени од 16.500 ден. на 23.700 ден. (плус ддв). Но, во разговор со дел од камперите направив попуст од 5% за плаќање на рати и 10% за плаќање до 30 март. Со попуст цените се 22.515 ден. плус ДДВ, односно 21.330 ден. плус ДДВ. Тоа е покачување од 37% односно 30%, од оваа година камперите ќе си ја плаќаат индивидуално потроишената електрична енергија за својот камп. Некои престојуваат помалку време, некои повеќе. Новите цени во Крани се убедливо најниски во споредба со другите кампови, објаснува Трпеновски.

Камперите велат дека иако им било ветено, не биле подобрени условите за кампување. Велат, им било ветено промена на водоводната мрежа, канализационалата мрежа, санација на пречистителната станица, а бил ветуван и базен.

Концесионерот вели дека овозможиле преку 95% од камперите да си постават сопствени тоалети, со ВЦ, вода, одвод, бојлер и со тоа камповите се претворени во викенд куќички, со тоалети, апарати за домаќинство, машина за перење итн. Вели дека сето тоа ја зголемува амортизацијата на линиите и трошоците ги зголемува. Трпеновски најавува дека од оваа година се подготвува заедно со Агроплод урбанистичка планска документација за развој на Крани и како камперска целина и како туристичка дестинација, а Крани за 1-2 години да биде нова атрактивна туристичка дестинација во Преспа и во регионот.