Камен-темелник на нова индустриска зoна во Штип
Јофатекс ќе гради нова индустриска зона во Штип. Ќе се протега на површина од над 50 илјади квадратни метри. Компанијата денеска постави камен-темелник на својата нова хала. Таму ќе се произведуваат делови за мебел кои ќе се извезуваат во западноевропските земји.
„Целата инвестиција е во три фази. Некаде догодина ова време чекаме практично да ја сечеме лентата, значи да биде готов целиот проект. Ова е воедно почеток на една нова индустриска зона на Штип. Претпоставувам дека и други бизнисмени од Штип и околината ќе пронајдат тука некоја нова идеја за бизнис, односно ќе почне да се развива во делот на индустријата и во услугите и во други бранши во овој дел на градот“ – Марјан Јовчевски, сопственик на Јофатекс
Вкупната инвестиција е околу 10 милиони евра. Ќе се вработат околу 100 работници.
„Воглавно примаме профил на вработени кои се високообразовани и многу мал дел со средно образование. Бараме повеќе технолошки да се развиваме, не бараме да се развиваме во трудоинтензивните гранки, туку повеќе технолошки“ – Марјан Јовчевски, сопственик на Јофатекс
Темелите ги освети митрополитот Иларион. На свечената церемонија присутни беа бројни гости. Меѓу нив и заменик министерот за економија.
„Станува збор за извозна компанија, а приоритет на македонската влада се секогаш домашните компании, посебно оние кои се извозни“ – Марјан Ристески, заменик министер за економија
Јофатекс датира од 1998 година. Денес е европски лидер во трговијата со домашен текстил, текстил за изработка на работни одела, текстил за хотелско опремување, механизми и ногарки за мебел. Јофатекс има свои претставништва во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Кина.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар