Македонија
12. December 2021 - 16:05

Калевска: СДСМ го поддржува Синдикатот и се бори за работничките права

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата денеска остварија средба со Сојузот на синдикати на Македонија во Собранието. На средбата разговаравме за три клучни барања што тие ги имаат и за коишто се залагаат, вели пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска и додава дека како партија секогаш ги поддржуваат работничките права.

– СДСМ е прогресивна левичарска партија и во својата идеологија, во својата платформа основата е заштита на социјалните права и работнички права. Од таму сите барања коишто се испорачуваат од страна на работниците особено организирани преку репрезентативниот синдикат ССМ се легитимни. Дека е доказ оваа платформа, оваа идеологија којашто СДСМ и коалицијата во дело ја спроведува се и последните измени на Законот за работните односи или популарно наречен недела неработен ден, додава Калевска.

И покрај опструкциите од опозицијата, таа вели дека со новото парламентарно мнозинство во петокот, во второ читање успеале да ги поминат измените за Законот за работни односи и конечно да овозможат од 1 јануари недела да биде неработен ден.

-Всушност, ова беше едно од клучните барања и веќе им соопштивме на средбата на претставниците на Синдикатот дека тие барања можат да сметаат дека се веќе исполнети. Што се однесува до второто барање, околу минималната плата и зголемувањето на минималната плата повторно ќе кажам дека и тука парламентарното мнозинство апсолутно ги разбира барањата и ги поддржува, истакна пратеничката на СДСМ.

Калевска посочи дека доказ за тоа се политиките што Владата и парламентарното мнозинство ги спроведуваат во последните четири години.

-Минималната плата којашто долго време беше на ниво од 9.000 денари денес е веќе над 15.000 денари. Нивното барање секако дека ќе биде разгледано, нивните предлози да тоа биде регуларано како процентуален износ од 60 проценти од просечната плата значи да го следи растот на просечната плата, ќе биде сериозно разгледано имајќи ја предвид определбата, платформата, но и програмата на Владата за минималната плата до крајот на овој мандат да биде 20.000 денари, додава таа.

 Пратеничката Калевска верува оти ќе се изнајде оптимално решение, имајќи ги предвид пред се потребите на работниците, социјалноекономскиот статус, но и она што значи енергетска криза, економска криза, пандемиска криза. Таа верува, дека како дел од парламентарното мнозинство ќе го изнајдат вистинското решение. 

Ново на Сител