Калас утре во Скопје, Мицкоски убеден дека ЕУ ќе најде решение за македонската интеграција
Премиерот Мицкоски е убеден дека ЕУ ќе најде решение за одблокирање на македонските интеграции. Утре Каја Калас ќе ја пречека со веќе познатиот став дека Уставот нема да се менува без гаранции дека тоа ќе биде последно барање на Софија. Но дали од Калас ќе побара план Б и за Македонија, како што Унијата веќе има за членството на Украина.
Јас сум прагматичен човек и политичар и немам дилема дека треба да градиме добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Ние немаме никакви проблеми да го прошируваме нашиот Устав со дел од Хрватите што живеат кај нас бидејќи Македонците се дел од хрватскиот Устав, немаме проблем да збруваме за Црногорци, Словенци и.т.н. но, имаме проблем да прифаќаме ултиматуми. Не сум човек кој прифаќа ултиматуми и никогаш нема да си дозволам да преговарам за нешто кое што знам дека претставува огромен проблем и фрустрација за македонските, албанските, турските граѓани и за сите оние што се составен дел од Уставот. Верувам дека ЕУ ќе се најде начин и ќе се реши проблемот, рече Мицкоски.
Тридневната западнобалканска турнеја, Калас денеска ја статуваше од Белград од каде порача дека ја разбира фрустрацијата на земјите од регионот од предолгото чекање за членство во Унијата, но истовремено ги охрабрува земјите да го искористат позитивниот момент за проширувањето.
Покрај средбата и заедничката прес конференција со премиерот Мицкоски, шефицата на европската дипломатија утре во Скопје со министерот Муцунски ќе го отвори првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија, со министерот Мисајловски ќе ја посети постојаната Балканска медицинска работна група, а ќе оставри средби и со младински и студентски организации.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар