Калас ја повика ЕУ „да биде покреативна“ во борбата против заобиколувањето на санкциите против Русија
Шефицата за надворешни работи на Европската Унија, Каја Калас, денеска побара од блокот „да биде покреативен“ во справувањето со руската „флота во сенка“, која се користи за заобиколување на меѓународните санкции за нафта поврзани со војната во Украина.
Русија беше креативна во заобиколувањето на санкциите, рече таа, што бара и од ЕУ да постапи на ист начин, пренесе ДПА.
– Мора постојано да размислуваме што уште можеме да направиме, изјави Калас по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Калас рече дека ЕУ постигнала голем напредок во ограничувањето на приходите на Москва од заобиколувањето на санкциите за извоз на руско гориво, но дека министрите ќе разговараат за координацијата на овие мерки.
Според работен документ подготвен за состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Луксембург, се проценува дека флотата сега брои меѓу 600 и 1.400 танкери.
Експертите кои ја советуваат шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјавиле дека овие пловила не само што придонесуваат за руската воена економија, туку и создаваат големи ризици за животната средина и морската безбедност, според документ во кој имала увид ДПА.
Несреќи во кои се вклучени овие бродови би можеле да предизвикаат истекување на нафта и друго загадување на морето, со разорни последици за крајбрежните области, екосистемите и рибарството.
Многу од овие бродови имаат нејасни сопственички структури и се или без осигурување или со недоволно осигурување. Во такви случаи, забележуваат експертите, даночните обврзници на крајбрежните држави ќе бидат тие што ќе ги покријат трошоците за евентуалната еколошка штета.
Москва со години се потпира на флотата во сенка за да ги заобиколи западните санкции и ограничувањето на цената на руската нафта. Ова често вклучува изнајмување постари бродови на кои сопственоста тешко им се утврдува и користење тактики за прикривање на потеклото на нафтените товари.
Некои бродови ги исклучиле или манипулирале со нивните сателитски автоматски системи за идентификација (AIS) транспондери, додека други вршеле пренос на нафта меѓу танкери во отворено море.
Експертите исто така предупредуваат дека бродовите од флотата во сенка би можеле да се користат како платформи за лансирање на дронови за електронско попречување или шпионски напади. Оваа загриженост се зголеми по мистериозните дронови во Данска, кои привремено го прекинаа воздушниот сообраќај над подрачјето на Копенхаген.
За справување со проблемот, Калас предлага посилни мерки против вклучените бродови и транспортни компании, заедно со поблиска соработка со крајбрежните држави и земјите под чии знамиња пловат бродовите. Идеално, таквите држави би се согласиле да дозволат инспекции од страна на поморските сили на ЕУ.
Од јуни 2025 година, три поморски мисии на ЕУ имаат задача да ја следат флотата во сенка и да собираат разузнавачки информации, вклучувајќи ја и Операцијата „Аспидес“, која првенствено има за цел да ги заштити трговските бродови во Црвеното Море од напади на милицијата Хути од Јемен.
ЕУ во иднина планира да ја прошири својата листа на санкции. Бројот на бродови со забрана за влез во пристаништата и казнени мерки, кои чекаат одобрување од земјите членки на ЕУ, треба да се зголеми од 444 на 562 во рамките на 19-от пакет санкции на ЕУ против Русија, според документот.
Калас изјави дека се надева дека договор за новиот пакет санкции може да се постигне подоцна оваа недела, на претстојниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел.
Ново на Сител
-
Калас ја повика ЕУ „да биде покреативна“ во борбата против заобиколувањето на санкциите против Русија
-
Руската вакцина против рак наскоро ќе биде во Србија, експертите од „Торлак“ одат во Москва, најави српски министер
-
Скопјанец осомничен за обид за убиство на сопствениот брат
-
Одѕивот на локалните избори за првпат најверојатно нема да надмине 50 проценти во првиот круг
-
Во прв круг избрани 44 градоначалници, втор круг ќе има во 33 општини, повторување во три
-
ЕУ размислува за прием на нови членови без право на вето
-
Во Скопје ќе има втор круг, градоначалник ќе се бира меѓу Ѓорѓиевски и Мециновиќ
-
Меѓународните набљудувачи ќе ги презентираат своите наоди за Локалните избори 2025