Македонија
20. December 2022 - 16:34

Какви лекции може да се извлечат од анкетата на ИРИ?

Резултатите од анкетата на ИРИ се алармантни, како за владејачката партија, така и за институциите. Вака министерката Петровска го коментираше падот на СДСМ кој го покажа ова испитување на јавното мислење, но и поразителните одговори од граѓаните во врска со довербата во системот.

Сепак, министерката со мала доза на резервираност, појаснува дека гледа два аспекта во однос на анкетата.

„Првата насока е дека треба внимателно да се анализираат и да се исчитаат резултатите убаво, ако сакате да ја сфатите вистинската порака, се разбира... Втората претставува предизвик... Пад на довербата во една политичка партија е прашање на политичката партија, но пад на доверба или ниската доверба во определени институции е нешто што е поалармантно за сите нас”

Иако го задржаа рејтингот од минатогодишната анкета на ИРИ, ВМРО ДПМНЕ се задоволни од испитувањето на Меѓународниот републикански институт, а резултатите за нив се реален приказ на владеењето на СДСМ. 

„Државна институција со најголема доверба во моментов е локалната самоуправа, двојно повеќе од владините институции предводени од СДСМ. Недовербата во Владата е резултат на неспособноста да се справат со криминалот и корупцијата кои владејат буквално во секоја пора од општеството. Искрено, не ги разбираме СДСМ зошто упорно бегаат од предвремени парламентарни избори кога се покажува дека трендот на пад на нивниот рејтинг само дополнително ќе оди надолу”, коментира најголемата опозициска партија.

Лошите оценки од граѓаните за институциите, политичарите, но и за довербата во ЕУ, се последица на големата разочараност, сметаат аналитичарите.

Анкетата покажа дека експремиерот Груевски моментатлно има најголема доверба кај граѓаните, а според Кржаловски, ова е резултат на катастрофалниот рејтинг на актуелните политичари предизвикан од падот на судскиот систем, но и економските политики.