Каква тежина има повикот на Радев за непопустливост?
Тврдите изјави во однос на Македонија кои дојдоа веднаш по реизборот на бугарскиот претседател Радев немаат сериозна тежина. Ставот на аналитичарите од двете земји е дека решавањето на спорот ќе зависи од пристапот на новата бугарска влада, доколку се формира.
Пораката на Радев дека новата влада не треба да отстапи од строгите национални позиции, повеќе е обид да се покаже политички авторитет и нема да има големо влијание кај оние кои ќе го решаваат прашањето, смета бугарскиот новинар Петров.
“Мислам дека станува збор за нешто друго. Тоа е демонстрација на власт во поголем степен, отколку изјава која ќе ги определи идните односи. Радев беше многу силен, но што ќе стане со неговата власт отсега натаму воопшто не е јасно. Бидејќи во крајна линија, на еден или на друг начин претседателот е церемонијална фигура. Да, таа е важна за единството на нацијата. Да, таа е коректив, но тој нема да ја има повеќе истата власт ако се формира владата...да не заборавиме дека нема како тој да го има истиот авторитет како што го имаше досега”.
Сличен став дели и политикологот Атанасоски. Тој смета дека националистичките изјави на Радев нема да ги попречат позитивните ветришта кои доаѓаат од официјална Софија.
“Едноставно тоа е неговата позната реторика и не можам да очекувам дека тој за 180 степени може да го смени својот речник во однос на Македонија. Кирил Петков и Асен Василев се технички министри поставени од Радев, но тие во својата изјава рекоа дека никој нема да влијае врз нивниот начин на политичко дејствување, вклучително и во водењето на надворешната политика. Значи имаме противтежа на дипломатските изјави, во однос на тврдите националистички”
И Петров и Атанасоски велат дека компромисот кој треба да го направат двете страни ќе биде тежок за постигнување и не е за очекување дека ќе биде постигнат до 14 декември.
Но, анализираат и двајцата, се појасно е дека сигналите за отстапки од двете страни и силниот меѓународен притисок можат да доведат до решение во наредните месеци.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
