Бизнис
7. August 2022 - 16:28

Каков ефект ќе донесе прогресивното оданочување?

Поголеми даноци за граѓаните и фирмите со стартот на идната година. Од 1 јануари треба да стапат на сила новите оданочувања, за кои  Министерството за финансии веќе води дебата бизнис заедницата и стручната фела. Министерот Фатмир Бесими во колумна објаснува што се треба да донесе даночната реформа но не открива дали ќе се менува прогресивниот данок и колку би изнесувал.

- Суштината на даночната реформа која ја планираме се базира на зголемување на даночната основа, без притоа да се зголемат даночните стапки. Забрзано ќе се спроведува и Акцискиот план за сузбивање на неформалната економија, во насока на воведување на неформалниот сектор во формалниот и со тоа дополнително зголемување на базата која подложи на даноци, вели Бесими.

Иако според Бесими новиот концепт за даночна реформа бил изработен транспарентно, сепак признава дека во текот на дебатата ќе има многу „за“ и „против“, лоби групи. Засегнатите страни засега официјално немаат излезено со став околу новата реформа, но владата вели дека биле дефинирани пет приоритети, односно поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и воведување на еколошко (“зелено“) оданочување.

- Кај данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, предвидени се концепти на реформи на даночната политика и усвојување на предлог измени на законите, како и имплементација на новите законски решенија...Со ова ќе се овозможи и креирање на фискален простор за спроведување на активна даночна политика за стимулирање на инвестиции на приватниот и на јавниот сектор во технологии кои поддржуваат зелена транзиција и дигитална трансформација, со цел поддршка на стратешките приоритети на земјата во овие домени, пишува Бесими во колумната.

Она што сега дополнително ги загрижува граѓаните е што со ваквите измени од први јануари ќе треба да плаќаат и данок на каматата од штедните влогови кои ги имаат во банките.