Свет
29. December 2017 - 19:26

Како Путин од политичар прерасна во легенда

Владимир Путин од претседател на Русија прерасна во легенда која што се искачи над политиката, но проблемот е тоа што Путин сега не смее да ја напушти власта затоа што „ако го нема Путин, ја нема ниту Русија", пишува германски „Шпигл".

Токму таа фраза ја изговорил еден висок руски функционер на форумот „Валдај" во Сочи 2014-та година, сакајќи да објасни колку граѓаните на Русија му веруваат на претседателот и економските санкции нема да го поделат општеството. Сепак, зад тие зборови, како што оценува „Шпигл" стои нешто повеќе.

Доколку еден политички лидер се идентификува со целата земја, тогаш тоа значи дека во таа земја демократијата доживеала крах, но според „Шпигл", повторно се поставува прашањето како некој успева да ја надмине функцијата која самата по себе е на врвот на ланецот и да стане легенда?

Германскиот весник објаснува дека целиот развоен пат на Путин, уште од распадот на Советскиот сојуз, минувал низ политички ментори кои што влијаеле на тоа да го стекне неопходното искуство за да се етаблира како личност која ќе го замени првиот претседател на самостојна Русија, Борис Јелцин.

„Шпигл" пренесува дека иако тогаш се уште не бил доволно харизматичен, околностите биле такви така што сите поддржувачи на Јелцин во него ја гледале единствената опција за продолжување на дотогашната политика, со оглед на тоа што Јелцин ја губел политичката моќ.

Меѓутоа, Путин и покрај тоа што власта ја наследи во многу тежок период, со оглед на тоа што ширум Русија тогаш имаше бројни терористички напади поради војната во Чеченија, уште во 1999-та тој ги доби симпатиите на рускиот народ. Тоа резултираше за него во 2000-та да гласаат речиси 53%, а во 2004-та година рекордни 71% од гласачите.

Новите претседателски избори се закажани за идната година и се разбира, повторно се очекува победа на Путин кој на власт би требало да остане уште шест години. Сепак, германски „Шпигл" оценува дека и руската елита полека, но сигурно се подготвува за времето кога Путин повеќе нема да може да ја води Русија.