Како постапува царината со возилата со странски таблички, сопственост на македонски државјани?
И покрај новото законско решение за пререгистрација на возилата од странски во македонски регистарски таблички, Царинската управа до сега ниту запленила ниту забранила влез на таков автомобил во државата. Законот е на сила веќе четири месеци, а од Царина нема информација ниту колкав е трошокот ниту какви се казните доколку сопствениците не го испочитуваат рокот за пререгистрација на возилата.
„Ве информираме дека Царинската управа спроведува засилени контроли за примена на важечките прописи кои го регулираат привремениот увоз на транспортни средства (патнички моторни возила, пловила, моторцикли и сл.), а се со цел да избегне неправилен и незаконски начин на постапување заради непознавање на важечките прописи“, пишува во одговорот од Царина.
Проблемот со возилата со странски регистарски таблички, најчесто бугарски, албански или косовски, е што сопствениците се македонски државјани, а возат автомобили со странски регистрации, без да платат увозни и други давачки во Македонија. Дополнително давачките за користење јавни патишта при регистрација ги плаќаат во соседните држави а ги користат макеоднските патишта. Од таа причина Владата ги преполови давачките за увоз на половни возила но, под услов да влегле во земјава најдоцна до 1 окромври 2020 година и да се со најмалку ЕУРО 4 стандард. Рокот за пререгистрација на возилата истекува во ноември. Според владините проекции, се очекува од нивниот увоз да се соберат околу 20 милиони евра.
За сега опциите се или да се вози автомобилот само 6 месеци во Македонија и потоа да се изнесе од државата или да се вози додека да му заврши регистрацијата, а потоа да се остави на плац и да се продаде во Бугарија. Во секој случај, сопствениците на возила со стандард помал од „ЕУРО 4“ буквално ќе треба да се простат од автомобилот, зашто таквите се сметаат за големи загадувачи и воопшто не може да се увезат во земјава.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
