Како дел од карневалските празнувања за „Прочка“ во Прилеп прикажан обичајот „Амкање“
По втор пат во Прилеп од страна на здружението на жени Преродба како дел од карневалското празнаување за Прочка пред граѓаните беше презентиоран народниот обичај амкање, кој кај православните христијани се практикува за овој ден. Обичајот се состои од тоа што едно варено јајце, но со се лушпа, се врзува за конец и сукало и потоа секој од присутните се обидува да го лапне јајцето, што пак според обичаите оној што ќе успее во тоа ќе го следи среќа преку целата година. Обичајот се практикува на последната вечера утре, пред во понеделник да започат Велигденските пости.
„Се прави една семејна вечера со мазник, сирење, јајца, бидејќи таа недела е сирна и потоа радост за децата, амкање на јајцето. Еве сега ние со нашето здружение сакаме да го презентираме овде, да не се заборави, бидејќи младиве верувам дека ретко прават. Значението на амкањето на јајцето значи дека вечерата е последна мрсна и се затнува устата со бело јајце. Потоа за Велигден се отвора устата со црвено јајце, кога завршуваат постите“, рече Јелица Вучетиќ, членка на здружение Преродба.
Прочка е поврзана со проштевањето едни помеѓу други, за да смирени и со душевен мир го започнеме големиот Велигденски пост.
„Се верува дека ако се згрешило во текот на годината нешто, да си побараш прошка од родителите или постарите, па тие ќе ти речат простено ви е и од нас и Господ нека ви прости. Мислиме дека тоа важи и дека е така, но мора ние да го практикуваме“, додаде Ленче Спиркоска, членка на здружение Преродба.
Утре е главниот ден на Карневалот Прочка во Прилеп кога ќе се одржи дефиле во центарот на градот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар