Македонија
31. March 2020 - 19:44

Како бизнис заедницата ги оценува новите мерки?

Со владините мерки само делумно ќе му се помогне на стопанството и нема да се постигне крајната цел да се сочува економијата и да се задржат работниците. Ова е ставот на Сојузот на стопански комори, од каде преку соопштение се оградија од вториот сет владини мерки. Бараат мерките да важат за сите фирми засегнати од кризата, без оглед на дејноста.

– Владата да одобри поддршка од 100 отсто нето платата за следните три месеци, да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните три месеци, правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година, да се стави мораториум на сите казнени камати и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните шест месеци, а вработените кои припаѓаат на групата лекари, трговци и сите кои сега се најоптоварени и под ризик, да им се исплати еднократен бонус, предлагаат од ССК. 

Бизнис секторот бара да се олеснат критериумите, но и да се поедностават процедурите за аплицирање за финансиска помош.

– Да не се дискриминира по дејност, доколку некој несовесно аплицирал за средства, неправилности може да се бараат и истражуваат откако кризата ќе заврши, бидејќи до сега немаше употребливи мерки кои важат за сите правни лица, дел од нив одјавија вработени, не по своја желба или волја туку под притисок од страв за неликвидност и трупање долгови и обврски. Да се отстрани критериумот намален број работници, да не се бара обемна документација која институциите електронски можат да ја добават по службена должност. Со барање документи да се достават од УЈП, Централен регистар и други, правните и физичките лица се изложуваат во оваа криза на здравствен ризик од трчање по шалтери за издавање документи, но и на непотребни трошоци во време и финансии.

Со свое соопштение се огласија и од Сојузот на синдикати на Македонија. Тие изразија задоволство што и покрај најавите Владата одлучи да не ги намали платите на вработените во јавниот и проватниот сектор.