Македонија
9. April 2026 - 16:36

Кај матичен лекар изјава за органодонорство по смртта – измените на законот на ЕНЕР

Над 200 пациенти во земјата чекаат ново срце, бубрег или црн дроб како шанса за нов живот а се помалку има согласности за донирање на органи по смртта. Статистиката покажува дека првите три месеци годинава,  од осум потенцијални донори само кај еден семејството се согласило за дарување на органите и спасување на човечки животи. Колку предложените законски измени кои од денеска се на ЕНЕР ќе ја зголемат свесноста и ќе ја намалат неизвеснота на оние кои живеат со вештачка пумпа или три пати неделно одат на дијализа. 

Според дополнувањата на законот и први братучеди ќе можат да дадат бубрег за трансплантација на свој роднина. Но она што според експертите може да направи промени е можноста секој  кај матичен лекар  да се изјасни дали сака да биде потенцијален донор по смртта. 

-Ако ги исполнува условите секако, не секој што ќе почине ги исполнува условите да биде донор. Но ќе може да си ја искаже својата сопствена волја а таа е неприкосновена. Тогаш ќе влезат во регистар, ние сега имаме регистар на потенцијални приматели , но идејата е да имаме и регистар на потенцијални донори, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплатација. 

Според лекарите, можноста со донорска картичка ќе им олесни и на семејствата при одлуката. 

-Да се спасат семејствата од една емотивна оптоварувачка одлука во моменти кои се многу тешки за нив, но кога ќе ја знаат волјата на починатитот, таа е неприкосновена, вели д-р Кузмановска. 

Измените на законот за трансплатација ги предлага Министерството за здравство а целта е да има што повеќе донирани органи.