Бизнис
19. August 2021 - 16:41

Кафеаните и моловите празни - турканица за вакцини на вакциналните пунктови

Новите мерки ги испразнија моловите и кафеаните, а ги наполнија вакциналните пунктови. Ограничувањата на движењето за невакцинираните поттикна голем број граѓани да застанат во ред за вакцина.

Но, состојбата пред вакциналните пунктови беше сосема спротивна од препораките за заштита на здравјето. Револтирани граѓани кои со часови чекаат ред за вакцина на високите температури и не секој носи правилно маска во услови кога дистанца речиси и да нема. Ваква беше сликата пред повеќе пунктови за имунизација во главниот град.

Од Министерството за здравство информираат дека значајно е зголемен интересот за имунизација, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови, а во тек е и теренска вакцинација. Само во текот на вчерашниот ден се вакцинирале скоро 17.000 граѓани, од кои 12.000 со прва доза. Со тоа до сега се аплицирани 1.116.000 дози, а речиси половина милион граѓани се целосно имунизирани.

Во меѓувреме, новите мерки негативно се одразија на работата на угостителските објекти и моловите. Кафеаните веќе неколку дена се речиси празни, а од вчера и моловите, обложувалниците и казината дозволуваат влез единствено за посетители кои имаат барем една доза вакцина или поседуваат доказ дека прележале Ковид-19 пред најмногу 45 дена.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека мерките се почитуваат. Тие во просек вршат повеќе од 400 контроли дневно, а вчера не констатирале ниту еден прекршок. Инаку, казните за непочитување на новите мерки изнесуваат од 2.500 до 30.000 евра за правното лице.