Јубилејни Денови на македонска музика
Единаесет концертни термини, како и работилници, презентации и предавања, содржи програмата на 40-тите Денови на македонска музика кои ги организира Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и ќе се одржуваат од 27 март до 13 април. Свеченото отворање на јубилејните ДММ, ќе биде в понеделник со „Апокалиптикум“ - концерт на инструментална музика на Драган Даутовски.
Покрај својот јубилеј, годинашната манифестација се одржува и во јубилејната година за СОКОМ - кој одбележува 70 години постоење. Токму затоа програмата за Деновите била конципирана да содржи што повеќе македонски автори.
Селекторката Јана Андреевска на прес-конференција денеска рече дека покрај задачата што при подоговотвката на програмата ја имаат секоја година - да направат фестивал со повеќе цели кои ќе бидат доведени во рамнотежа, оваа година имале уште една задача - да претстават што повеќе автори кои се или биле членови на СОКОМ. Во програмата, рече таа, има разлчни жанрови и генерации композитори.
- На јубилеите треба да му се навраќаме на минатото. Затоа во програмата се застапени автори од постарата генерација и основоположници како Гајдов, Прокопиев, Скаловски..., од втората генерација - Зографски, Прошев, Властимир Николовски..., како и млади автори. Но, не беше можно сите автори да бидат вклучени во програмата - или поради немање термини или зашто немавме соодветни ансамбли за изведба, рече Андреевска, додавајќи дека некои од композиторите кои не се опфатени на ДДМ ќе бидат застапени во други пригоди со кои ќе се чествува јубилејната година на СОКОМ.
Драган Даутовски на концертот за отворањето ќе настапи на традиционални инструменти, ќе свири на тамбура, на стаклена окарина (топчеста флејта) и стаклен кавал, специјално изработени за него. На удиралки ќе го придружува неговиот син Ратко Даутовски.
На прес-конференцијата Даутовски рече дека ќе изведат само инструментални дела. - „Апокалиптикум“ ќе прикаже животворни звучни енергии, што ќе биде показател дека треба да се вратиме кон некои изворишта. „Апокалиптикум“ ќе проговори на прајазикот на музиката, рече Даутовски, додавајќи дека проектот ја носи пораката дека човекот треба да се сврти кон духовното и да остане човек. Очекува дека „Апокалиптикум“ ќе живее и по ДММ - на други сцени низ Македонија и во странство, а дека амбиенталната музка што ја нуди овој проект ќе биде објавена и на носач на звук.
На Деновите на македонска музика на 4 април во МОБ концерт во чест на 80-годишнината од раѓањето на композиторот Благој Цанев ќе изведе камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. На прес-конференцијата Благој Цанев рече дека е за пофалба тоа што програмата содржи дела од 16 негови починати колеги со кои, како што рече, пиел кафиња во просториите на СОКОМ и тоа што меѓу изведбите на нивните дела ќе биде и неговиот авторски концерт.
Покрај овие, програмата на 40-тите ДММ ќе опфати и: концерт на ансамблот КонТемпора (29 март, Музеј на Град Скопје); концерт на Биг бендот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници (1 април, Дом на АРМ); Концерт со акузматична музика со танцов перформанс на ученици и студенти од „Илија Николовски-Луј“ и од ФМУ (3 април, МОБ); Концерт на Камерниот мешан хор „Проарс“ (7 април, Музеј на Град Скопје); Концерт на Гудачкиот квартет „Антарја“ од Полска (8 април, Музеј на Град Скопје); Концерт на ансамблот „Нуове музике“ од Италија - на кој ќе настапи и македонскиот тенор Благој Нацоски (10 април, Музеј на Град Скопје), два концерта на Ансамблот „Хоризонте“ од Германија (11-ти и 12 април, Музеј на Град Скопје) и Концерт на Македонската филхармонија со американскиот виолончелист Гал Фаганел, со кој на 13 април во Дом на АРМ ќе биде затворена јубилејната манифестација. Освен за концертот за отворањето в понеделник, за сите останати влезот за посетители е слободен.
Од СОКОМ соопштија и дека ДДМ се организирани во соработка со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Факултетот за музичка уметност, а соработуваат и со странски фондации кои го помагаат гостувањето на ансамблите од други земји.
Ново на Сител
-
МВР откри терористичка ќелија која организирала напади во Македонија и регионот
-
Политички кризи предизвик за новинарите
-
Интеграциите во НАТО низ призма на новинарите
-
Патот на Македонија кон ЕУ низ призмата на Сител
-
Трагедии, храброст и вистина низ призмата на новинарството
-
Регионалните кризи - посебен новинарски предизвик
-
Новинарството под маски и визири во Ковид кризата
-
Од битка за срце до зумба часови - хуманата страна на новинарството