Јолевски: Македонија разгледува можно зголемено учество во операциите на ОН
Република Македонија високо го цени придонесот на мировните операции на ОН кон одржување на меѓународниот мир и безбедност. Во тој контекст, Република Македонија сериозно ќе ги разгледа можностите за зголемен придонес кон операциите на ОН, согласно потребите на Организацијата и националните капацитети.
Ова го изјави вчера министерот за одбрана Зоран Јолевски, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк на Самитот посветен на мировните операции и идните потреби на Светската организација во таа насока, соопшти Министерството за одбрана,
- Имав бројни состаноци и една од иницијативите од моја страна до земјите од Југоисточна Европа, односно процесот СЕДМ е заедничко упатување војници во мировни мисии на ОН. Врз основа на документот кој го предложив, ќе разговараме со нашите партнери и во иднина. Втора опција е упатувањето на наши офицери и војници во рамките на контингентите на Италија, која е најголем контрибутор од Европа кон мировните операции на ОН, изјави министерот Јолевски по самитот.
Тој дополни дека како трета опција која ќе се разгледува при посетата на САД е трилатералното партнерство кое Република Македонија го развива со државата Вермонт од САД и Сенегал и можностите за заедничко упатување на војници во мировни операции на ОН.
Генералниот секретар на Организацијата, Бан Ки-мун во своето обраќање пред присутните порача дека потребата од мировни операции никогаш не била поголема.
- Мировниците имаат голем број задачи, тие се соочуваат со екстремисти, криминални и други групи кои немаат никаква почит кон хуманитарното или човековите права, истакна Ки-мун пред лидерите и претставниците на над 50 земји.
Самитот, кој се одржа на маргините на 70-тото Генерално Собрание на ОН на едно место ги собра контрибуторите кон мировните операции на Организацијата, како и оние кои планираат идно можно учество во рамки на овие мировни мисии.
При отворањето на самитот, претседателот на САД Барак Обама се осврна на значењето на поддршката кон мировните операции на ОН.
- Ние сме тука, заедно, за да ја зацврстиме и реформираме ОН и нејзините мировни операции, бидејќи тоа го бара заедничката безбедност, рече претседателот на САД, Обама.
Република Македонија е дел од мировната операција на ОН, УНИФИЛ во Либан од 2007 година. Досега се извршени седум ротации на позицијата штабен офицер.
Ново на Сител
-
Во детското одмаралиште „Малешево“ две децении нема деца
-
Историската патека на Мис Стон станува дел од туристичката понуда во прекуграничниот регион
-
Марш на ангелите во Кочани - болката се претвори во крик на очај
-
Тема на денот со Ана Ангелова Валпони, професор на Кингс Колеџ - Лондон
-
Марш на ангелите во Кочани
-
Истрага за оружјето со кое биле убиени Вања и Панче
-
Првата група повредени се смести во центарот за рехабилитација на Пониква
-
Растење на природен заб во лабораторија - научен подвиг со македонски потпис