Македонија
29. јуни 2024 - 19:42

Јавните комунални претпријатија се превработени, но со несоодветен кадар

Сите јавни комунални претпријатија се превработени, но со несоодветен кадар. За да се надмине овој проблем, потребна е намалување на непродуктивните работни места, како и зголемување на капациетот, знаењата и вештините на вработените во секторот. 

- Организационата поставеност на претпријатијата секогаш треба да ги следи потребите на пазарот, односно, проблемите кои што настануваат, како што во минатото ги имавме, Ковид кризата, енергетската и економската криза. Секогаш треба да бидеме чекор понапред или поедноставно кажано, секогаш треба да се поставуват вистинските луѓе на вистинските места, изјави Зоран Талевски, КЈП „Нискоградба“- Битола.

Од тие причини, комерцијалната ефикасност е многу важна за оптимизација на приходите и минимизирање на трошоците, а АДКОМ на оваа тема организира неколку обуки за менаџерските тимови на претпријатијата. 

- Комерцијалната ефикасност дава можност за следење на бизнис планирањето, во текот на 4 години во кој период се врши бизнис планирањето, токму во делот на следење на трошоците, во кој обем се реализирани тие трошоци и во колкав дел се остварени приходите. Понатаму, колку од инвестициите се реализирани и каде се движи претпријатието во тие 4 години. Сето тоа преку комерцијалната ефикасност ни дава насоки за следење на работата на претпријатието, изјави Васко Стојанов, раководител на сектор финансии, ЈПКД „Комуналец“- Струмица.

Комерцијалната ефикасност на јавните комунални претпријатија е оптимален модел за функционирање на целокупниот систем, особено кога се работи за капитални инвестиции. 

- Многу важен сегмент се инвестициите од аспект на трошоците, затоа што инвестициите можат да се создадат од сопствени инвестициски средства, меѓутоа, имаме предадено основни средства од општините, кои секако се инвестиции, но се третираат како донациски средства, не се наши сопствени средства, изјави Благица Мишевска, раководител на сектор финансии, ЈКП „Никола Карев“- Пробиштип.

Капиталните инвестици во главно се однесуваат на реконструкција на постоечките и изградба на нови водоводни и канализациски мрежи, а во иднина ќе треба многу да се вложува и во изградба на пречистителни станици за третман на отпадните води.