Македонија
18. July 2022 - 16:44

Јавните комунални претпријатија бараат Владата да им помогне да ги подмират високите трошоци поради цената на струјата и горивата

Државата мора финансиски да им помогне на јавните комунални претпријатија за да не дојде до поскапување на комуналните услуги за граѓаните. Ова е клучното барање на околу 90 јавни комунални претпријатија ширум земјава. Тие бараат Владата да им помогне зашто веќе не можат да го издржат поскапувањето на струјата и горивата и работат на работ на рентабилноста.

Јавните комунални претпријатија со струја се снабдуваат на отворениот пазар, па за нив овој енергенс во последната година е поскапен за неколку пати. Се жалат дека цената на комуналните услуги е непроменета повеќе години, додека трошоците значајно се зголемени. Затоа бараат помош да се покрие разликата меѓу планираните и реалните трошоци.

Алармираат и од Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора, од каде бараат Владата на време да интервенира во пресрет на новата грејна сезона. За поголема сигурност, стабилност и пониска продажна цена бараат да се искористат сите можни ресурси за да се зголеми домашното производство на струја. Тоа подразбира навремена набавка на јаглен и мазут, вклучување на ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО во функција преку целата година, како и повторно прогласување на кризна состојба со која се овозможуваат низа поволности за снабдување со енергенси за индустријата.