Јанкулоска: Стразбуршкиот суд ги потврди повредите на правично судење против мене, издржав неправедна драконска казна

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на неjзиниот фејсбук профил објави дека по пет години од поднесувањето на апликацијата пред Европскиот суд за човекови права, во однос на пресудата против неа за предметот „тенк“ за набавка на блиндирано возило за потребите на државата, Судот во Стразбур ги потврдил повредите на правото на правично судење во предметот.
-Европскиот суд за човекови права денес објави дека отвара сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против мене, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата. Овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада. Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција, пишува во објавата Јанкулоска.
Таа воедно посочува оти се надева дека ќе има одговорност за сите сторени злодела и дека конечно, како што наведува, правосудството ќе ја прими пораката дека не треба да слугува на ничии интереси, туку дека се платени од граѓаните да ги штитат нивните права.
-Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата, наведува Јанкулоска.
Судијката Добрила Кацарска, која е актуелен член на Уставниот суд, во 2018 година ја осуди поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска на шест години затвор за набавка на возилото „мерцедес“ во одвоената постапка за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
По жалбите на Јанкулоска кои Апелацискиот суд Скопје делумно ги уважи, првостепената пресуда и беше преиначена само во делот на одлуката за казната и и ја намали на четири години.
По три години и еден месец Јанкулоска излезе од затворот „Идризово“.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Се срамиме пред Стразбур од оние кои го контаминираат судството и обвинителството
-

Вулкан во Етиопија еруптира по 10.000 години, пепел се издигна до 15 километри во височина
-

Јанкулоска: Стразбуршкиот суд ги потврди повредите на правично судење против мене, издржав неправедна драконска казна
-

Нетанјаху по нападот во Бејрут и атентатот врз командантот на Хезболах: Неговите раце се извалкани со крвта на Израелците
-

„Оди дома, имаш поважна работа, бремена си.“, психолог во струшката болница го изгубила бебето по стресот од отказ
-

Перез: Триесет титули во последните 15 години, оваа ера на Реал засекогаш ќе се памети
-

Убедливи победи за домашните екипи на двата вчерашни натпревара во ПМФЛ
-

Јокиќ: Билансот 12-4 не ја одразува реалноста, не сме толку добри
