Македонија
10. November 2025 - 16:39

Јаневска побара превод од Касами, од Вреди реагираат дека требало да знае албански

„Ве молам на кратко на македонски за да можеме да разбереме и тие што не зборуваат албански“. Министерката за образование Весна Јаневска со јавна реакција до новинарите Албанци и тетовскиот градоначланик Касами кои водеа конверзација првично само на алабански јазик. Се работи за заедничка изјава на Јаневска и Касами по повод вчерашниот настан во Тетово посветен на образованието. 

Касами на настанот откако прво искомуницирал на албански, дал изјава и на македонски. 

Но наспроти реакцијата на министерката која побара превод согласно Уставот, од коалициската Вреди пак, денеска со сосема поинаква теза. Велат министерката требала да разбира албански.

„Во едно демократско и мултиетничко општество, кога дури и странски дипломати кои престојуваат во нашата земја две или три години учат неколку зборови на албански, да бидеш министер, па дури и министер за образование, а да не знаат ниту еден збор од јазикот на сограѓаните Албанци и да реагираат на употребата на албанскиот јазик, ова е тешко да се преведе во услови на коегзистенција, граѓанство и почитување на другите во едно мултијазично општество“, реагираат од Вреди, коментирајќи дека „непознавањето на албанскиот јазик не треба да води до фрустрација“.

Не е прв пат, коалициските партнери да имаат меѓусебни реакции токму поради тоа што функционери на Вреди се обраќаат само на албански јазик или пак, одбиваат да говорат или да одговараат на македонски. 

Најголеми реакции имаше поради однесувањето на Директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците Арсим Идризи кој одбиваше да зборува на македонски. Летово, да се обрати на македонски во неколку наврати одби и пратеникот Беќим Ќоку.

 И двајцата функцинери тогаш добија јавна опомена од премиерот Мицкоски. Директорот Идризи доби и најава дека ако уште еднаш не го почитува службениот македонски јазик во јавни обраќања ќе биде и разрешен.