Јанева најави проширување на случајот „Титаник“
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска најави проширување на истрагата за случајот „Титаник“ и за други лица во овој предмет.
- Случајот се уште го работиме и имаме намера да прошириме за други лица во овој предмет, рече Јанева, која денеска учествуваше на конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: прашање на личност или на систем“.
На новинарско прашање како ја коментира одлуката на Уставниот суд оклу Законот за памилување, Јанева рече дека како што е запознаена македонската јавност се работи за осомничени лица за изборни нерегуларности и тоа за изборите во 2011, 2012, 2013 година.
- Би сакала да го дадам и своето мислење кое сметам дека го делат и колегите од мојот тим дека со самите истраги за овие лица кои биле и се на високи функции во Владата на Република Македонија и со доказите со кои располагаме кои во 80 отсто го докажуваат обвинението со кое имаме намера во иднина да настапиме. Сметаме дека самиот избор и на претседателот и на уставните судии и на пратеници е доведено во прашање и тоа е мојот одговор за Уставниот суд. Мислам дека сите овие се нелегитимни институции и треба да го почитуваат СЈО во нивните истраги за да ја утврдиме вистината, рече Јанева.
На новинарско прашање во однос на предметот „Пуч“, Јанева рече дека откога има воспоставено надлежност оди на повеќе главни расправи во кои, како што наведе, го моли Судот да ги даде доказите.
- Еден обвинител за да настапи пред Судот мора да има докази. Доказите незаконски ги држи Судот. Врз основа на решението што го донесоа со член 81 од Законот за кривична постапка поднесовме жалба до Апелационен суд Скопје. Очекуваме одговор во наша полза, рече Јанева.
Таа, исто така, додаде дека сите што работат во СЈО, обвинители, истражители и дел од вработените, како и преземените стручни соработници имаат сертификати со државна тајна, што значи дека можат да вршат увид во сите документи кои се во Република Македонија на кое било ниво.
На новинарско прашање за односот на СЈО кон предметот „Маѓар телеком“, Јанева рече дека предметот се наоѓа во Советот на јавни обвинители, како и дека лично смета дека тие предмети со сите докази во најбрз рок треба да им бидат доставени за да извршат увид, по што доследно како институција ќе бидат вратени назад во рок од 8 дена.
- Веќе се изготвени претставки до Советот на јавни обвинители и Судскиот совет во врска со предметите и доказите кои не ни ги доставуваат судовите и Обвинителството, а што се однесува на надлежноста ние ги баравме овие предмети меѓу кои и „Маѓар телеком“ да ни бидат доставени и да извршиме увид, да видиме дали можеме да воспоставиме надлежност или не, нагласи Јаневам додавајќи дека воопшто нема соработка со Јавното обвинителство околу овој предмет и други кои се наведени во претставките и дека затоа ќе очекува одговор за тоа.
Прашана за транспарентноста, а во контекст на нејзиното лично работење и објавените информации во медиумите за станови и земјоделското земјиште што ги поседува, Јанева рече дека тоа е нејзин лично стекнат имот.
- Сакам да ви кажам дека јас имам два стана на моите деца кои се купени заедно со мојот сопруг кој сега е починат. Од заедничкиот имот на мене и мојот сопруг. Но, јас имам уште имот од моите родители од кои уште немам наследено ништо. Мојот имот уште ќе се зголемува и на сметка на моите родители и на мојата работа со овие десет прсти, рече Катица Јанева.
Ново на Сител
-
ДЗР: Серија неправилности во бирото за развој на образованието
-
Следните денови променливо облачно и нестабилно време
-
Се разгледуваат можности за изградба на нов саемски комплекс во Скопје
-
2252 сообраќајни прекршоци во празничниот викенд, 1018 за брзо возење
-
Поради расчистување на одрон сообраќајот на патот Миравци – Демир Капија по една коловозна лента
-
Џорџ и Амал Клуни, наводно за 10 години ниту еднаш не се скарале
-
Сиљановска Давкова: Папата Франциск ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност
-
Светска организација за заштита на природата: Нерационалното производство и отпадот од храна ја уништуваат планетата