Бизнис
14. September 2015 - 20:22

Извозот од зоните овој месец ќе надмине милијадра евра

Извозот од технолошко индустриските зони во првите осум месеци од годината достигнал 940 милиони евра и до крајот на септември би требало да надмине милијарда.

Се работи за 30-процентен раст во однос на ланскиот период и резултатот е повисок од очекувањата на дирекцијата за ТИРЗ, како и од проекциите на компаниите.

- Се надевам дека оваа година, многу брзо, уште во овој месец, ќе ја надминеме бројката од една милијарда евра извоз, а до крајот од годината имаме можност да оствариме над 1,3 милијарди евра, вели првиот човек на зоните, Виктор Мизо.

Во зоната во Скопје веќе функционираат 7 фабрики, Џонсон Мети, Технохозе, Кемет електроникс, Ванхул, Протек, Вистеон и Диатек. Се гради втора фабрика на Технохозе, а тука ќе биде лоцирана и американската Капкон.

Странски инвеститори градат капацитети и во зоните во Штип, Прилеп, Кичево, Тетово и Охрид. Повеќето од нив, како ОДВ, Ки Сејфти Системс и Леар, во меѓувреме работат во привремени објекти.

Најголема извозна компанија е Џонсон Мети која забележа највисок едногодишен скок на ТОП 500 листата на Дилоит и од 373-то се најде на 214 место најголеми компани во  Централна Европа.

Во зоните годината се очекува да заврши со над 5.000 вработувања или за 1.500 повеќе од лани.