Извештајот за Македонија утре на втор обид за гласање, Вајц не сака да го коментира исходот предвреме
Или извештајот за Македонија утре ќе биде изгласан со формулацијата што го признава посебниот македонски јазик и идентитет, што е во полза на земјава или повторно ќе биде одложен- тоа се двете опции за утрешната седница во Европскиот парламент каде ќе има втор обид да се изгласа Извештајот за напредокот на земјава. Според дел од аналитичарите, Македонија има поддршка од Брисел да се изгласа извештајот, а единствено што би можело да го попречи гласањето е уште некое минимално одложување, но најверојатното сценарио е дека Извештајот утре ќе помине, што би значело дипломатска победа за Македонија.
Но според аналитичарот Петар Арсовски, глањасето на ваквите годишни извештаи за напредокот на Македонија не треба да се политизира и во иднина.
Известувачот за Македонија пак, Томас Вајц во телефонски разговор со Сител, не сака да открива детали или очекувања пред утрешното гласање на Извештајот. Тој за Сител вели дека не е добро предвреме да се коментираат состојбите, но не открива дали Извештајот претрпел некакви промени или бугарските европратеници вршеле некакви притисоци. Вели утре работите би требало да станат појасни и најави прес конференција по утрешната седница на Европскиот Парламент, која и да е одлуката.
Аналитичарите пак оценуваат дека, дури и ако извештајот биде усвоен со формулации што се во интерес на Македонија, не се очекува посериозна дипломатска реакција од Бугарија.
Извештајот првично требаше да се гласа на 4 јуни, но по барање на Вајц беше одложен поради притисоци од бугарски европратеници кои се против децидното споменување на македонскиот јазик и идентитет. Според дневниот ред на ЕП, Комитетот за надворешни работи утре во 9 часот ќе почне со работа, а извештајот за Македонија е прва точка. Бугарските европратеници поднеле амандмани, а некои дури бараат извештајот да не се разгледува. Премиерот Мицкоски изјави дека очекува извештајот да биде усвоен и да испрати јасна и силна порака за македонскиот јазик и идентитет.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар