Бизнис
13. April 2016 - 12:56

Извештај на Катастарот: Повеќе се продаваат станови, помалку куќи и деловен простор

На пазарот на недвижности во Македонија најмногу се продаваат станови, додека интересот за продажба на куќи и деловен простор е значително помал, ова го покажуваат податоците од првиот шестмесечен извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности што денеска беше промовиран.

Извештајот, како што информира директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски на денешната прес-конференција се однесува за периодот од 18 март до 31 август 2015 година кога се истргувани недвижности со површина од 17.593.795 метри квадратни со вкупна цена од 11.789.755.964 денари, додека под закуп се дадени недвижности со површина од 6.888.077 метри квадратни со вкупна месечна закупнина од 54.824.165 денари.

- Во овој период во Регистаазрот на цени и закупнини се запишани 8.994 тансакции од кои 4.914 се продажби на недвижности, 37 продажби преку лицитација, 727 продажби од инвеститор, 237 откупи од Република Македонија, како и 3.077 закупи на целата територија на државата, рече Трпевски.

Тој прецизира дека 55 отсто од трансакциите со недвижности се однесуваат на продажба, а 34 проценти на закуп на недвижен имот.

- Најголем број на трансакции - 695 се случиле на територијата на општина Центар, во Битола се регистрирани 570, во Карпош 546, .. во општините Маврово и Ростуше шест, во Вевчани пет и најмалку во Пласница три, посочи Трпевски и додаде дека  на територијата на Град Скопје се регистрирани вкупно 2.620 трансакции.

На територијата на Македонија, потенцира, се регистрирани вкупно 5.641 продажби од кои 4.914 се продажби на стари недвижности, а 527 се први продажби на недвижности.

- Најголемиот број на недвижности кои се продадени 2.166, односно 41 отсто се станови, од кои 700 се новоградби, 2.068 продажби или 39 отсто се од делот на земјоделско земјиште - ниви, овоштарници, лозја,.., а градежното земјиште учествува само со 8 отсто. Продажбата на куќи не е атрактивна за купувачите и во овој период се продадени само 328, а мала е и продажбата на деловен простор и изнесува само 268 што најверојатно се должи на фактот што поголемиот дел на вакви недвижности се дава под наем. Продадени се и 53 индустриски објекти, рече Трпевски.

Од вкупниот број на продажби 5.641, нагласи, дури 5.277 се однесуваат на гореспомнатите шест типови на недвижности, а останатите 364 се продажби на гаражи, помошни простории, објекти во земјоделството, но ни еден од овие типови не е застапен со повеќе од 1 отсто во вкупниот број на продажби.

- Највисока просечна продажна цена на стан по метар квадратен е постигната во општина Центар 58.861 денар, во Карпош е 55.045, во Аеродром 58.795, во Охрид 44.625, во Битола 37.750, Струмица 32.095, Тетово 31.286, Штип 29.195, Кочани 25.695, а нејевтини се во Прилеп и Куманово по околу 24.500 денари, рече Трпевски, нагласувајќи дека се очекува Регистарот на цени и закупнини во иднина на некој начин да стане берза на недвижнини во Македонија.

Агенцијата за катастар на недвижности денеска го потпиша и првиот договор за користење на нивниот веб сервис од регистар на цени и закупнини со компанијата Нолеџ центар која обезбедува услуги од областа на истражувања, проект менаџмент, управување со знаење, нови технологии и стратешки менаџмент. Компанијата работи и на имплементација на проектот Аукциски тигар кој е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој. 

- Проектот Аукциски тигар опфаќа развој на иновативно решение во секторот на недвижности. Порталот e-aukcija.mk претствува прва он-лајн аукциска куќа за продажба и купување на недвижен имот во Македонија, решение за институционални продавачи како банки, осигурителни компании, градежни компании, но и други правни и физички лица кои сакаат да го продадат својот имот по пат на електронска аукција, рече Бранко Ѓуровиќ, претставникот на Нолеџ центар.

Тој порача дека масовната примена на порталот ќе придонесе за зголемена транспарентност на пазарот на недвижности и балансирање на цените, а на продавачите и на купувачите ќе им овозможи да понудат реални цени на недвижноста