Свет
8. July 2024 - 18:15

Израелската војска ги повика Палестинците да се евакуираат од неколку населби на градот Газа

Израелската армија денеска ги повика Палестинците да се евакуираат од неколку населби на градот Газа, на северот на Појасот Газа, кон таканаречените хуманитарни зони на југ и во централниот дел на енклавата.

Армискиот портпарол за арапски јазик, полковник Авихаи Адраи, го објави списокот на населби што треба да се евакуираат - Сабра, Римал, Тел ал Ава и Дараз.

Повикот за евакуација уследи откако израелската армија утринава изврши нов напад врз јужните и западните делови на градот Газа, додека ја продолжува воената операција во источниот кварт Шеџаија, јавуваат израелските медиуми.

Американските медиуми јавуваат дека уште од синоќа жителите во источниот дел на градот Газа почнаа да бегаат од своите домови и засолништа, кога избија жестоки судири со палестинските екстремисти.

Не е познато колку луѓе избегале, но жителите велат дека има илјадници луѓе кои бараат безбедност.

Северниот дел на Појасот Газа беше под оган во првите недели од војната и Израел претходно соопшти дека ја презел контролата над него.

Новите наредби за евакуација се последниот знак дека Хамас се прегрупира во областите за кои се наведува дека се под израелска контрола.

Жителите, исто така, рекоа дека израелски воени авиони силно ги бомбардираат источните и јужните делови на градот Газа. Копнените борби во и околу областа Шеџаи траат веќе две недели.

-Побегнавме во темнината среде силните удари. Ова е мое петто селење, рече Саједа Абдел-Баки, мајка на три деца која се засолни во домот на роднина.

Израелската армија објави дека спроведува антитерористички операции во градот Газа, откако добила разузнавачки информации за активностите на тамошните екстремисти.

Во соопштението не е прецизирано во кои делови од градот дејствува војската.

Фадел Наим, директор на болницата Ал-Ахли, која е во близина на евакуираната област, рече дека пациентите и нивните придружници избегале во паника.

-Немаше наредба за евакуација на болницата, но стотици пациенти и придружници во паника си заминаа плашејќи се од најлошото, рече тој.

Пациентите во критична состојба се евакуирани во други болници во северниот дел на Газа.

Израелската армија ја обнови копнената офанзива во Шеџаија во јуни, принудувајќи 60.000 до 80.000 луѓе да избегаат.

Во меѓувреме, разговорите за прекин на огнот се очекува да продолжат оваа недела, а неколку официјални лица рекоа дека уништувањето предизвикано од деветмесечната офанзива на Израел се чини дека го натера Хамас да ги ублажи своите барања.

Во текот на викендот, исламистичката организација се чини дека се откажа од своето барање Израел да вети крај на војната како дел од каков било договор за прекин на огнот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека воениот притисок, вклучително и двомесечната офанзива во јужниот град Рафа, која сè уште трае, е тоа што го поттикна Хамас да влезе во разговорите