Свет
21. March 2018 - 8:54

Израел потврди дека нападнал и уништил сириски нуклеарен објект во 2007 година

 Израелската армија денеска потврди  дека во 2007 година нападнала и уништила таен нуклеарен реактор во соседна Сирија за време на воздушна операција. 

Постоеја претпоставки дека Израел стои зад воздушниот удар на непријателска територија, во регионот на Ал Кибар, но ова е првпат таа држава отворено  да презеде одговорност за нападот со објавување на декласифицираните документи за случајот.

- Ноќта на 5 спроти 6 септември 2007 година, авиони на израелските ВВС нападнаа и уништија сириски нуклеарен реактор во процес на изградба, се вели во соопштението на израелската армија. 

-Реакторот беше речиси завршен и операцијата овозможи да се елиминира постоечка закана за Израел и целиот регион, потенцира армијата на Израел. 

Сирија одрекуваше дека станува збор за нуклеарен реактор. Но, Меѓународната агенција за атомска енергија изјави во 2011 година дека е „многу веројатно“ нападнатиот објект да бил реактор, можеби изграден со помош на Сеаверна Кореја. 

-Нуклеарен реактор во раце на Асад ќе има сериозни последици за целиот Блиски Исток, посочува израелската армија.

Декласифицираните документи, исто така, откриваат дека операцијата била подготвена во целосна тајност и дека биле вклучени четири Ф-15 и четири Ф-16 борбени авиони.