Израел и Хамас постигнаа мировен договор
Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на Трамп за Газа. Договорот вклучува прекин на огнот, размена на заложници и повлекување на израелски сили. Жителите на Газа почнаа да излегуваат на улиците во еуфорија, а на договорот еднакво се израдуваа Палестинците во Кан Јунис, како и родителите на израелските заложници кои конечно ќе имаат можност да бидат со своите деца по повеќе од две години.
Семејствата на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас го поздравија договорот за нивно ослободување, опишувајќи го како „важен и значаен чекор напред“ кон враќање на сите заробени дома.
Американскиот претседател Трамп нагласи дека постои можност да го посети Блискиот Исток во недела бидејќи, според него, преговарачите работат многу добро. Тој повтори дека арапскиот и муслиманскиот свет го поддржуваат неговиот план. За овој договор, посредуван од Египет, Катар, Турција и САД и доаѓа на втората годишнина од нападот на Хамас на Израел од 7 октомври 2023 година — настан што го отвори најразорниот конфликт во Газа во последниве децении.
Но, Хамас ги повика Трамп и земјите гаранти да обезбедат Израел целосно да го спроведе прекинот на огнот. Доколку се спроведе, договорот ќе ги зближи двете страни повеќе од кој било претходен обид за запирање на војната што еволуираше во регионален конфликт, привлекувајќи земји како Иран, Јемен и Либан, и преобликувајќи го Блискиот Исток.
Израелските одбранбени сили соопштија утрово дека почнале подготовки за делумно повлекување на трупите од Појасот Газа, како дел од договорот. Сепак експлозии беа слушнати и видени во Газа од јужен Израел утрово неколку часа по долгоочекуваниот договор за ставање крај на војната во Газа во која загинаа повеќе од 67.000 луѓе.
Но, договорот што го објави Трамп беше краток во детали и остави многу нерешени прашања што би можеле да доведат до негов колапс, како што се случи со претходните мировни напори.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар