Македонија
21. February 2018 - 13:19

Изработена документација за железничка линија Крива Паланка - ГП „Деве Баир“

- Завршена е проектната и тендерската документација за изградба на третата железничка делница на пругата кон Бугарија, на потегот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, во должина од 23,4 километри.  Изградбата ќе чини над 350 милиони евра и според проценките на Министерството за транспорт и врски треба да  почне во 2021 година, а да заврши до 2025 година. 

Преку железницата дневно треба да  транзитираат околу 2.000 патници и 12 транши товар, покажува физибилити студијата изработена со проектот со кој беше изготвена документацијата,  финансиран со 3,4 милиони евра од ЕУ.

На новата железничка линија која минува низ планински терен ќе градат 23 тунели, како и меѓународен на ГП „Деве Баир“ кој ќе ги поврзе Македонија и Бугарија. Ќе има две железнички станици, пред Крива Паланка, и кај село Жидилово.

За нејзината изградба веќе се обезбедени 60 милиони евра неповратни средства од ЕУ преку Оперативната програма 2017-2029, а македонската Влада треба што поскоро да ја заокружи финансиската конструкција за да може да се распише тендерот за изгардба, порача Никола Бертолини, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија, на денешната презентација на документацијата.

- Сметаме на Владата набрзина да успее да ги собере овие средства било од Буџетот, било од заеми. Ова целосно зависи од Владата, таа одлука треба брзо да се донесе бидејќи проектот е готов и теоретски уште утре може да го објавиме тендерот, но како да го направиме тоа ако не знамеме кој ќе плати. Алоцирањето на 60-те милиони евра има рок затоа што  ИПА 2 ќе треба да се  распореди во подоцнежните години, до 2025 година. Истиот датум кога ќе се спомне во печатот датумот за пристапување, имајте  во предвид дека ги набљудуваме инвестиците на Коридорот и навистина не загрижува како тече самата инвестиција и сето тоа, рече Бертолини.

Ресорниот министер Горан Сугарески потенцираше дека останатиот дел од парите за пругата во наредниот период ќе се бара од меѓународните финансиски институции. Потсети дека на неодамнешната средба со неговиот бугарски колега Ивајло Московски се договориле двете држави заеднички да настапуваат за проекти од регионално значење со цел полесно да ги обезбедат потребните средства.

- Во меѓувреме, остануваме целосно посветени на реализација на останатиот дел од проектот. Изградбата на делницата од Куманово до Бељаковце се очекува да биде завршена до 2019 година, за делницата од Дељаковце до Крива Паланка се очекува оваа година да склучиме договор  со извувач и изградбата да почне веднаш после тоа. Со завршување на последната фаза до граничниот премин Деве Баир комплетна пруга кон Бугарија очекуваме да имаме во 2025 година, рече Сугарески.

Документацијата за пругата ја изготви конзорциум предводен од шпанската компанија  ИДОМ  со АДТ Омега Грција и ЗДП Хрватска.

Како што појасни директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, изработениот детален проект  ги опфаќа железничката траса, земјени работи, градежни објекти (тунели, мостови, надвозници, подвозници, пропусти, потпорни ѕидови, сервисни патишта итн.), железнички станици, горен строј, електрификација на потегот на пругата од Куманово до границата Бугарија, поставување телекомуникациска и сигнална опрема,... Подготвени се и целосни тендерски досиеја за договор за градежни работи, како и за услуги на надзор на тој договор.

За  железничкиот дел од Коридорот 8 што минува низ Македонија покрај за делницата кон Бугарија треба да се обезбедат пари и за пругата Кичево-Лин за поврззување со Албанија за која исто така со пари од ЕУ веќе е подготвена проектна и тендерска документација.

- Недостатокот на овие врски претставува пречка за развој на размена, не само меѓу соседните земји, туку и со регионот во Источна Европа, наведе Асани