Македонија
20. May 2023 - 16:33

Избегал од Идризово па ограбил казино - Полицијата со истрел во воздух го предупреди па го уапси

Избегал од затвор, ограбил казино, но на одење не му успеал планот и го вратиле зад решетки. Како сцена од криминалистичка серија била улицата Благоја Стефковски во Маџари каде утрово избеганиот затвореник со пиштол упаднал во казино, го земал прометот од вработениот и сакал да избега. Полициски службеници кои за кратко време стигнале пред објектот го спречиле во намерата.

Разбојникот со поголемата сума на пари што ја украл од објектот на Спорт Лајф сакал да избега и имал и огнено оружје. Полицијата за да го спречи испукала неколку куршуми во воздух а тоа ги вознемирило граѓаните  и вработените во околните дуќани.

48 годишниот затвореник од Куманово  бил во Идризово на издржување затворска казна од 13 години за повеќе сторени кривични дела и за доиздржување има уште три години и осум месеци.

-Кај него биле пронајдени одземените пари и пиштол „Чешка зброевка“ калибар 9 мм со муниција. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава и ќе биде спроведен во казнено-поправната установа за доиздржување на казната, стои во соопштението од МВР.

Побаравме, но до емитивање на прилогот не добивме одговор од казнено поправната установа затвор Идризово – како избегал затвореникот и од каде му е оружјето.