Живот
13. January 2016 - 8:46

Ивица Поповски човекот со две опасни професии-пожарникар и оџачар

Ивица Поповски, 34-годишен велешанец работи две опасни професии, прво како пожарникар потоа и како оџачар. За двете е потребнo да си здравствено и психички спремен и да имаш добра физичка кондиција.

- Но, најважно од се е да си ја сакаш работата, а јас подеднакво ги сакам и двете професии и најсовесно и одговорно, со голема љубов и пожртвуваност. Во двете професии има искачување во височини и секогаш постои ризик и по сопствениот живот. Но, јас ги сакам висините, тогаш ми доаѓа адреналинот и тоа ме одржува во живот и ми дава енергија и елан што е многу важно да се опстои и да се биде подеднакво успешен во двете професии, потенцира Поповски. 

Во пожарникарството е важно да се биде тим со колегите и брзо да се реагира

Ивица Поповски има завршено за електротехничар - енергетичар во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, но никогаш не работел како електричар. Извесно време работел во МВР, а потоа од 15 септември 2004 година се вработува како пожарникар во ТППЕ (Територијалната Противпожарна Единица) во Велес, каде е веќе 11 години и се уште е вработен.

- Ја сакам работата и ја работам со многу енергија, снаодливост, љубов и саможртва. При избувнување на пожар многу важно е на време да се реагира за да се спасат пред се луѓето, па потоа материјалните добра. Но, најважно е за пожарот граѓаните на време да не известат по телефон, а за да може и ние од ТППЕ на време да стигнеме и го изгаснеме пожарот кога е помал, а со тоа и зафатеноста и опасноста е помала, потенцира Поповски.

- Во нашата работа е многу важно да се дејствува како еден увежбан координиран пожарникарски тим, а ние тоа го докажуваме со нашата работа на терен. Соработката меѓу сите нас е одлична, ние често комуницираме и се разбираме со само еден поглед и мимика. Сите ние вложуваме голем напор да се спасат пред се луѓето, а потоа и материјалните добра зафатени со пожар, појаснува Ивица Поповски. 

Тој ни појаснува дека во Велес поради конфигурацијата на теренот на куќи начичкани една до друга на стрмните ридови, по тесните улици пренатрупани со паркирани возила и други препреки од несовесни граѓани, многу тешко се стигнува до опажарените куќи.

- Таков беше случајот со последниот пожар пред неполн месец, кога не можевме да стигнеме до опожарената куќа, па моравме да се снаоѓаме да врзуваме црева и да гаснеме. Ќе напоменам дека при тоа имавме добра соработка и помош и од граѓаните, кои увидоа дека постои голема опасноста од ширење на пожарот и по останатите куќи и се вклучија во акцијата за гаснење, појаснува Поповски.

Ивица за 11 години работа како пожарникар учествувал во гаснење на голем број, на над сто пожари во куќи и други објекти во градот, како и при шумски и други пожари.

- Исто како и во урбаните и при шумските пожари е многу важо на време да се реагира и да се спаси шумата која е и фабрика за чист воздух. Сум гаснел многу пожари, а се уште во добро сеќавање ми е големата борба при гаснење на боровата шума кај велешкото езеро „Младост“ ова лето. За среќа успеавме да реагираме на време и на време да почнеме со гаснење на шумата, додека ни дојдоа на помош хелихоптери од Центарот за управување со кризи. Но, борбата со огнената стихија беше во наша полза и за среќа успеавме да ја спасиме боровата шума, појаснува Поповски.

Според Ивица, а што покажува и статистиката, најголем причинител и над 90 проценти и за урбаните и за шумските пожари е токму човекот и неговата несовесност. Пожарите се случуваат поради дотраена електро инсталација, неисчистени оџаци, фрлање догорчиња во шума и слично.

Работата на оџачарот како превенција од пожари

Ивица Поповски, гледајќи на терен како се повеќе пожари се предизвикани и од неисчистени оџаци, решил да се зафати со уште една дополнителна работа, како оџачар. Во оваа професија е веќе четири-пет години, од кои последниве две години како лиценциран оџачар со своја фирма СА-ЃЕ, која ги содржи првата и последната буква од имињата на неговите деца, седумгодишниот Стефан и четиригодишната Елена.

- Оџачарот има тешка и опасна работа. Не е само да го исчистиш оџакот, тука да знаеш да ја поставиш скалата и да се качиш по неа, но и да се движиш по покривот на куќата или зградата. Има и стари и нови покриви, има и напукнувања на ќерамидите и таблите на покривните конструкции кои не се гладаат, па затоа секогаш треба да бидеш внимателен и претпазлив и да знаеш како да се движиш по нив. Опасноста е секогаш присутна, но јас секогаш сум претпазлив, иако имало и опасни ситуации, но сепак за среќа на време сум ги избегнал. Ги сакам височините и кога ќе го почувствувам адреналинот во крвта, тоа ми дава единствено чувство кое ми дава елен да си ја сакам работата, појаснува Поповски. 

Ивица како превентива од пожари им препорачува на сите граѓани кои се загреваат на дрва и слично, задолжително по два пати годишно да ги исчистат оџаците за да се спали катранот од несогорени дрва во оџакот и со тоа се избегне и опасноста.

Апелираше несовесните граѓани да не фрлаат се и сешто во оџаците на своите соседи и сограѓани.

- Верувале или не, ама во последното чистење на оџаците на највисоките кули во Велес сум извадил два пара фармерки. Сум извадил од оџаците и влечалки, џемпери, филџани, пластични шишиња, па и гранки од гнездо од чавки и гаврани во еден оџак и што ли уште не, појаснува Ивица, кој уредно ги слика сите предмети кои ги извадил од оџаците на домовите на велешани. 

Во план му е и набавка на апарат за чистење на оџаци. Преку својата фирма СА-ЃЕ освен во Велес, на повик веќе чисти оџаци и во Скопје и околните помали населени места во Велешко и е со план да ја проширува работата.

Оџачарот носи среќа 

Оџачар среќа носи, а оџачар како слика асоцира на новогодишните честитки на кој е нацртан оџачар со четка и црни панталони, црно палто, бела кошула и црн цилиндер на глава и детелинка во раката, што симболизира среќа.

Постарите велат кога ќе видиш оџачар фати се за копче. Ивица ни појаснува дека помладите малку знаат за среќата која ја носи оџачарот, но затоа знаат постарите и му се радуваат кога им доаѓа во домовите да им ги исчисти оџаците. Смета дека оџачарот е среќа бидејќи кога ќе им го исчисти оџакот, на граѓаните им носи среќа во домот бидејќи тој е чист и со тоа безбеден од пожари.

- Кога ќе ме видат постарите се радуваат, сакаат да се ракуваме, да размениме по некој збор. Велат им носам среќа, а некои сакаат да скинат и влакно од мојата четка, но таа е метална од посебен материјал и не се кине. Јас тогаш само се насмевнувам и им порачувам да имаат среќа во домот, вели за својата благородна и хумана професија оџачарот и пожарникар Ивица Поповски.

На граѓаните Ивица Поповски им посакува безбедни домови и многу среќа со семејствата во Новата 2016 година.