Македонија
26. December 2017 - 14:19

Иванов: Се додека се врши насилство врз жените праведно општество не може да има

Ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство со себе носи одредени ризици, оцени претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

- Преку родовата перспектива, Конвенцијата воведува нова и неконвенционална дефиниција на родот како општествен конструкт, што е независен од биолошкиот пол, и што може да се менува според волјата, истакна македонскиот претседател.

Потенцирајќи дека се додека се врши насилство врз жените праведно општество не може да има, претседателот Иванов ги поздрави искрените и добронамерни заложби за борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Сепак, нагласи тој, во изминатиов период до него стигнале писма со загриженост во кои се посочува дека одредени членови на Истанбулската конвенција се контроверзни и истите не би требало да станат дел од македонскиот правен систем без консултација со пошироката експертска јавност.

- Меѓудругото, тоа отвора можност и на тригодишни деца во градинка да им биде наложувано за машкиот и женскиот пол да размислуваат во родово неутрални термини. Нивните родители речиси ќе немаат никаков начин да го изразат своето лично гледиште, истакна македонскиот претседател. Со тоа, според Иванов, ќе се наруши не само фундаменталното човеково право на родителите да ги воспитуваат своите деца во согласност со своите морални вредности, туку ќе се наруши и еден од основните принципи на воспитување на младите генерации во сите ери и во сите цивилизации.

Македонскиот претседател предупреди дека воведувањето на ново поимање на родот и полот без отворена јавна дебата со родителите, педагозите, психолозите и сите оние кои се вклучени во образувањето на младите, ќе доведе до наметната толеранција, без вистинско и искрено почитување на различноста.