Македонија
26. December 2017 - 12:56

Иванов: Лажните вести се основа за тензии и конфликт

Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во обраќањето во Собранието на Република Македонија.

- Главни актери во оваа војна се генераторите на лажни вести и гласини, кои имаат за цел да ја прикријат својата неспособност и да го насочат вниманието кон други. Видовме одредени институции и одговорни лица кои монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации. Отидоа до таму што се обидоа да ме обвинат и мене дека сум планирал да прогласам воена состојба. Наместо да ја прочитаат глава 7 од Уставот каде се пропишани условите за воена и вонредна состојба, тие се обидуваат да наметнат лажна престава и да креираат перцепција во јавноста за да изградат случај врз основа на измама. За жал, некои од новинарите и корисниците на социјални мрежи преку интернет платформи станаа инструменти за пренос на нивните лаги, порача македонскиот претседател.

Иванов додаде дека во изминатите три години, повеќе од 30 отсто од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени.

- Со тоа се предизвикани штетни последици од пропаднати операции во земјата и странство, загрозени се животи и уништена е агентурна мрежа за собирање на податоци, истакна Иванов.

Иванов порача дека е време да се врати јавната пристојност во јавната дебата.

- Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример треба да дадат и медиумите. На Република Македонија и е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести, рече Иванов.

Тој во обраќањето се осврна и на потребата од борба против корупцијата и организираниот криминал и реформите во судството.

- Во тек се реформите во судството кои треба да се спроведуваат со еминентни, објективни и независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци. Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија, порача Иванов.