Македонија
26. November 2025 - 16:33

Итен инспекциски надзор во О.У „Димо Хаџи Димов”, поради сомнежи за труење

Со болки во стомакот, повраќање и дијареа се пожалиле голем број ученици во основното училиште Димо Хаџи Димов во Влае. Дали станува збор за труење или пак за стомачен вирус, допрва институциите ќе треба да утврдат. 

Во училиштето денеска иако имаше настава, родителите си ги земаа поголемиот број од децата. Но ни тие не знаат за што станува збор. Во секое одделение е различна бројката на децата кои се пожалиле на овие симптоми. На некои од родителите им било јавено да ги земат децата од училиште, некои и воопшто не ги пуштиле на настава. 

Родители кои се јавија и до редакцијата на Сител велат дека и некој од нив ги пројавиле истите симптоми и заедно со децата отишле на инфективната клиника каде што се сретнале и со други дечиња од училиштето. 

Во училиштето влегоа денеска и екипите од Водовод и санитарно здравствените инспекции. Се земаа мостри од водата во училиштето и од кујната, да се утврди што е причината за повраќањето и дијареата кај децата. 

Директорката вели, немаат точна бројка за колку ученици станува збор, но откако децата од помалите одделенија се пожалиле на овие симптоми ги викнале сите надлежни институции денеска да проверат од каде е проблемот. 

Наставата во училиштето денеска тече непречено, бидејќи има одделенија каде се присутни сите ученици.