Истрaжување: Расте насилството над жените и девојките ромки
Последниве пет години за 25 отсто се зголемило физичкото, психолошкото и економското насилство над жените и девојките од ромската националност, но и насилството кај жените, воопшто бележи пораст и неопходна е системска акција на институциите и заедницата, смета здружението Национален ромски центар од Куманово кое годинава спроведе истражување во шест градови за достапност и пристапот до услуги за жени и девојки Ромки кои преживеале насилство, во рамки на проектот „Поддршка на жени Ромки да ги идентификуваат нивните потреби, да ги побараат своите права и да се зголеми пристапот до услуги за оние што кои преживеале насилство“, со поддршка на UN Women и Европската Унија.
Според извршниот директор на националниот ромски центар Ашмед Елезоски главно е семејното насилство, но и има и други видови кои не запираат, но се зголемуваат. Најголем проблем е што се крие и не се пријавува.
– Во сите анализи, а пред сѐ, дејствувајќи во неколку градови: во Куманово, Прилеп, Кичево, Кочани, во Штип и во Велес, заклучивме дека бројката на насилството врз жените- Ромки и девојките не се намалува, туку во однос на претходните години, се зголемила за 25 отсто и достигнува до 60 отсто и прекршени се нивните права – правото на нормален живот, правото на вработување, на едукација, правото на воспитување на своите деца и правото во брачната заедница. Ние имаме насилство кое секојдневно се случува и е повеќе прикриено, отколку објавено од повеќе причини. Пред сѐ, поради страв, нефункционирање на одредени релевантни институции, иако се говори дека имаме разни методи како што е пријавувањето на телефон со заштита на идентитетот на жртвата. Имаме регистрирано случаи во кои се нарушува демократијата, вели Елезоски.
Тој нагласи дека сиромаштијата и економската зависност си го прават своето.
– Најголемата причина за насилството е статусот на жените, односно финансиската и едукативната состојба. Главно, финансиската зависност го покренува насилството. Затоа имаме и мигрирање, рани бракови и малолетни мајки. Жените-ромки се уште го чекаат законот за регистрирање, зашто голем број ги нема во евиденцијата. Главно сиромаштијата го генерира насилството во семејството. А тоа, пак, не се санкционира. Во Европа, ако жената пријави насилство, ги добива сите заштити. Кај нас не е така. Имаме случаи, без разлика дали жената е Македонка, Ромка, Албанка, таа е претепана пет пати, но не добива никаква заштита, а насилникот си живее без санкција. Системот ја носи вината, а пресудно е кај луѓето кои од било кои побуди не интервенираат, објаснува Елезоски.
Тој истакна дека неопходно е сите институции да го покренат нивото на активност.
– Во моментов, треба да ги охрабриме сите жени, и тоа јавно. Ако само пријавиме, ништо не сме направиле. Има случаи кои цели пет години останувата нерешени. Проблемот се решава ако излезе во јавноста, а медиумите најмногу може да помогнат. Важно е да се пријави и кај народниот правобранител. Оваа ситуација е многу болна со огромни последици, смета Елезовски.
Катерина Шоиќ од Националниот ромски центар вели дека мора да им се овозможи самосвест на жрвите, да знаат кој и како ќе им помогне дека имаат бесплатна правна помош од народниот правобранител. Најголемиот проблен – непријавувањето насилство мора да се надмине. На пример во Прилеп за 10 месеци имавме 10 случаи, а во реалноста се четирипати повеќе.
– Ги охрабруваме жените-жртви на насилство да пријавуваат во Центрите за социјални работи, во полициските станици, во сите граѓански организации на локално ниво кои пружаат услуги за жртви, да се искористат сите механизми за да се освестат за сите видови насилство. Да се пријават, не само насилството, туку и дискриминацијата и во канцеларијата на народниот правобранител. И што е битно, да побараат бесплатна правна помош во подрачните единици на Министерството за правда. Многу е мал бројот на оние што приавуваат. На пример, во Прилеп за десет месеци, 10 жени имаат пријавено и побарано заштита во нашата организација, проследено е низ системот и имаат добиено заштита. Но, она што е специфично кај случаите на семејното насилство, е што жените се откажуваат. Најчесто, тоа е нов обид да се зачува семејството. Тоа е она на што треба посериозно да се работи. Не само да ги иницираме постапките, туку да се истрае и да се завршат постапките и овие жени да имаат целосна интеграција во општеството. Треба да се поттикнат локалните заедници, малите и средни претпријатија да се вклучат за да им се обезбеди економска независност на тие жени, рече Шоиќ.
Националниот ромски центар анализите ги претставува во сите шест града, а извештајот ќе биде готов до крајот на годинава.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Гордана Димитриеска Кочоска, Министер за финансии
-
Цигарите и загадениот воздух рак рана за лицата со ХОББ
-
15-годишник со нож прободел двајца малолетници во два одвоени инциденти
-
Преглед на вестите од светот
-
Заедничка седница на македонската и косовската влада во Приштина
-
Пратеници на ДУИ добиле смртни закани, пријава до МВР нема
-
Вишиот обвинител Хајрулахи останува суспендиран од работното место
-
ЕСМ набави струја за 2 недели - ќе плати 10,2 милиони евра