Истражување на ИДУЕП: Младите се скептични дека Македонија ќе влезе во ЕУ
Младите се скептични дека Македонија ќе стане дел од европското семејство. Истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи покажува дека кај скоро половина од испитаниците владее скептицизам дека државата ќе стане дел од ЕУ, во споредба со ниски 35 % од испитаниците, кои веруваат дека евроинтеграцијата ќе стане реалност.
За разлика од властите кои на пиедесталот го ставаат спорот со Бугарија како кочница за отпочнување на преговорите, за младите главна пречка на евроинтегративниот пат е корупцијата во државата. Дури 84.6 проценти од испитаниците ја избрале оваа опција. Билатералните спорови ги рангираат како втора најсилна пречка за отпочнување на преговорите, а веднаш зад нив - ниската доверба во институциите.
Можности за работа и живот. Овие се двете теми кои најмногу ги интересираат младите кога ќе се спомене ЕУ. На второто место се програмите за образование и млади како Еразмус+ за што се изјасниле 55.1 процент, третото место го заземаат темите поврзани со заштитата на човековите права. Младински интерес за ЕУ будат темите заштитата на животната средина, дигитализацијата и културната размена.
Само ниски 8 % од младите испитаници веруваат дека Македонија ќе влезе во ЕУ во следните пет години. Повеќето веруваат дека Албаија, Црна Гора и Србија се првите три држави од Западен Балкан, кои ќе станат дел од европското семејсто.
Истражувањето се реализира во рамки на соработката меѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, Европскиот Центар за извонредност и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со македонската младинска платформа „Студентарија“. Анкетирани биле 1.000 млади – најголемиот дел студенти на додипломски и постдипломски студии.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар