Македонија
18. November 2021 - 16:41

Истражување: 65% од граѓаните немаат доверба во правосудниот систем

65 проценти од граѓаните немаат доверба во правниот систем, покажуваат податоците на Центарот за правни истражувања и анализи. Последен таков пример кој фрла нова дамка врз правосудството е случајот во Охрид каде возач кој предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загинаа двајца млади се извлече со условна казна.

Министерот за правда иако на социјалните мрежи напиша дека не може да остане рамнодушен на условна казна, денеска рече дека не може детално да коментира судски пресуди. Веќе се подготвува и воведување на ново кривично дело – „Безобѕирно управување со моторно возило“, а за случаи за кои се интересира јавноста треба детално да се образложи зошто е донесена таква пресуда, вели тој. 

Судиите се правдаат дека и тие се соочуваат со проблеми. Финансиската зависност, несоодветните услови за работа како и малиот број на судии кои едвај се бројат на прсти се главните проблеми со кои соочуваат овие институции.

Со цел да се подобри работата на судовите за 6,5 проценти треба да се зголеми буџетот за судовите за следната година. За 15 проценти треба да се зголемат платите на  сите вработени, вклучувајчи ја и судската администрација. А се планираат и ново вработувања на местата каде недостасува  кадар.