Истрагата за Онкологија се шири кон Косово и Албанија
Скандалот на Онкологија се шири и надвор од границите на Македонија. Наводите и сомнежите за препродажба на скапата терапија на грбот на најтешко болните, лекувањето на странски пациенти и можноста за илегална заработувачка во соседството ги натера надлежните иснтитуции да бараат докази и во други земји.
- Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во РС Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји, стои во соопштението на ЈОРМ.
Обвинителството ја проширува предистражната постапка и како што се наведува во денешното соопштение, освен единицата за финансиски истраги при МВР побарана е помош и од Управата за финансиско разузнавање како и ревизорите кои во последниот извештај констатирале неправилности во работењето на Онкологија.
Обвинителството врши распит и на 20-тина пациенти и членови на семејства кои досега доброволно се јавиле за да и помогнат на истрагата со свои сознанија. Истражниот тим исто така располага и со обемен доказен материјал обезбеден од клиниката.
-Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите, велат од Обвинителството.
Наскоро увид во доказите и текот на постапката ќе имаат и онколошки пациенти. Обвинителството добило список на пријавени лица и остнува обвинителите да ги контактираат, да потпишаат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите.
И додека тимот од обвинители и истражители ги проверуваат наводите дали е сторено кривично дело против здравјето на луѓето, изминатите денови онколошки пациенти и семејства кои изгубиле свои блиски споделувајќи ги своите приказни укажуваат дека здравствениот систем е поболен од нивната дијагноза и итно мора да се направат драстични промени.
А дури две недели по обелоденување на скандалот, утре во Собрание ќе го бираат составот на Анкетната комисија која ќе утврдува дали има политичка одговорност.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
