Истрагата го бара маскираниот пироман од Битола
Немаме лоши намери, ништо лошо не правиме, ние сме културен центар, вели за Сител, претседателот на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Љупчо Ѓорѓиевски кој верува дека полициските служби професионално ќе си ја вршат работата и ќе се пронајде сторителот кој го опожари влезот на клубот.
-Во телефонска изјава за Сител, Ѓорѓиевски вели дека не се сомневаат во никого, но загрижени се за својата безбедност. Вели дека ова е смислена провокација за нарушување на односите меѓу двете земји, но верува дека инцидентот нема да влијае.
Тој не сакаше да даде изјава во камера за Сител, но даде изјава за бугарската БТВ каде рече дека што ова е директен атак кон Бугарите во Македонија.
Во изјава за бугарската телевизија вели дека благодарение на брзата постапка на противпожарната единица се спречил пожар од поголеми размери.
-Важна е штетата кон нас како Бугари во Македонија, зашто ова е директен атак врз Бугарите во Македонија, а не кон културниот центар. Се плашиме, човечки е да се плашиме, но тоа не значи дека ќе запреме со работата, напротив ќе бидеме уште поголеми ванчомихајловисти, поголеми Бугари и ќе се бориме за идејата Македонија - Швајцарија на Балканот, каде и Бугарите ќе го земат своето место, изјави Љупчо Ѓорѓиевски, претседател на Културниот клуб „Иван Михајлов“.
Бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска исто така за БТВ, изјави дека вчера ги видела снимките од опожарувањето на објектот на кои се гледа човек со маска кој пристигнал со велосипед и потоа го опожарува објектот.
-Моето лично мислење е дека тој чин бил извршен исклучително ладнокрвно, со јасна цел и одмерен. Се гледа еден човек кој мирно пристигнува со велосипед, го паркира, симнува туба со запалива течност, не можам да кажам точно каква и спокојно ја истура пред официјалната врата на културниот дом по што ја пали течноста. Со маска беше, но немаше ништо специфично на облеката, изјави Теодора Генчовска, министер за надворешни работи на Бугарија.
Полицијата се уште работи на расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителот по насоки на јавното обвинителство.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
