Македонија
18. February 2022 - 16:32

Историчарите со предупредување за постапките по барањата од Бугарија

Антифашизмот е еден од столбовите на кои е креирана Европа, но од Македонија денес се бара редефинирање на термините фашизам и антифашизам.

Со ова се доведуваат во прашање историските придобивки на АСНОМ, посочија од здружението на историчари на трибина посветена на темата.

“Нивното редефинирање, односно бришење, се сервира како политички неопходно под превезот на наводното ширење на говор на омраза кон бугарскиот народ што воопшто не е точно. Напротив. Политички условеното редефинирање на овие термини кои изворно го одразуват историското време и антифашистичката војна само ги раздвојуваат пријателските народи”

Целта на мешовитата историска комисија е целосно редефинирање на историјата, а Бугарија продолжува со наметнување на својот поглед на историјата, смета историчарот Чепреганов.

“Сега им смета 11 октомври. Ако го изгубиме 11 октомври, народното востание против фашизмот, немаме ни народ, немаме фашизам. Немаме антифашистичко народно движење, немаме АСНОМ”

На замка во преговорите со Бугарија предупредија и останатите учесници.

“Не треба да си ја сечеме гранката на која конечно се реализирал нашиот национален мит – антифашистичката борба и да не западнеме во тој сентимент на политичка коректност. Малку ќе попуштите вие, малку ние и ќе се најдеме на заеднички терен. Не. Тоа е вашиот терен. Заедништвото е бугарскиот терен”

Трибината е една од серијата настани кои Здружението на историчари ги организира по повод 70-годишнината од основањето и 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.