Македонија
18. April 2022 - 16:37

Историчарите го креваат гласот: Бугарија ги минира преговорите со Ванчо Михајлов

Ванчо Михајлов ги буди најнегативните чувства кај Македонците. Зошто токму оваа личност е избрана да го носи името на бугарскиот културен клуб во Битола, се прашува копретседателот во мешовитата историска комисија Драги Ѓоргиев. Академикот е со став дека овој чин ги минира и отежнува преговарачките напори, оддалечувајќи не од договор со Софија.

„Станува збор за именување на културен центар со избор на една извонредно контроверзна историска личност која зад себе носи хипотека поврзана со најмрачната идеологија позната на човештвото и личност која кај Македонците оправдано буди најнегативни чувства. Несфатливо е зошто покрај многу други личности поврзани со бугарската култура и уметност, па дури и со историјата, кои можат да бидат мост на поврзување и по кои може биде наречен клубот, е избрана баш таа личност. Изборот за кој однапред се знае дека ќе предизвика негативни реакции во македонското општеството секако нема да помогнат во зајакнување на дијалогот и довербата”, вели Ѓоргиев за Сител.

А кој е Ванчо Михајлов? Сите ние кои не успеавме да ја обезбедиме бугаризацијата на Македонија имаме вина, ќе рече во своето последно интервју во 1990 година.

Михајлов се уште чека да дојде на дневен ред во мешовитата комисија, но доколку дојде, вели Ѓоргиев, тоа може да биде само дел од дискусијата за негативната улога на одредени личности соработници со фашистичката коалиција и потребата нивните постапки да бидат осудени.

Ќе биде ли Ванчо Михајлов нова голема пречка во мешовитата комисија, ги прашавме бугарските историчари.

И покрај разликите за историјата, македонските и бугарските историчари се единствени во апелот до политичарите. Тие треба да бидат внимателни во изјавите кои можат да ја минираат работата на Комисијата.