Кошарка
19. February 2024 - 9:27

Истокот подобар од Западот на НБА „Ол-стар“ натпреварот

На овогодинешниот 73. „Ол-стар“ натпревар, најголемите ѕвезди на најсилната НБА кошаркарска лига во светот, Истокот го совлада Западот со 211:186 во Индијанаполис, со што беа поставени нови рекорди во бројот вкупно постигнати, како и според бројот на поени на една екипа.

По неколку години откако „Ол-стар“ натпреварот се играше на начин што двајца играчи беа именувани за капитени, а потоа ги избираа своите тимови, лигата сакајќи да го направи овој натпревар повторно малку поконкурентен, се врати на стариот систем на две конференции. Но, наместо на натпреварувачка кошарка, повторно сите играчи размислуваа исклучиво на нападот, што резултираше со уривање голем број рекорди.

Така, Истокот стана првиот тим кој постигна повеќе од 200 поени, застанувајќи на 211 и со тоа го собори осумгодишниот рекорд поставен од Западот за дури 15 коша. Со вкупно 397 поени, овој дуел го надмина најефикасниот „Ол-стар“ натпревар одигран пред седум години со дури 23, а 186-те постигнати поени на поразениот Запад се четврти најголем број уфрлувања на еден тим во историјата на „Ол-стар“ и секако најмногу постигнати поени на поразената екипа.

Веќе во првото полувреме екипите постигнаа вкупно 193 поени, што во тој момент беше најефикасното полувреме во историјата, за во второто да постигнат 204 и уште повеќе да го зголемат рекордот. Истокот со 104 коша во првото полувреме постави рекорд по бројот на поени на полувремето, кој, исто така, беше надминат подоцна кога тој тим постигна 107 коша.

Истокот победи првенствено со одлични шутеви за три поена, погодувајќи 42 од 97 обиди од далечина, а играчот на Милвоки Бакс, Демијан Лилард беше на чело со 11 „тројки“ и вкупно 39 украдени топки, што му ја донесе наградата за МВП. Џејлен Браун од Бостон Селтикс додаде 36, а домашниот играч на Индијана Пејсерс, Тајрис Халибартон 32 за победниците. Западот, пак, го имаше најефикасниот играч на дуелот, Карл-Ентони Таунс од Минесота Тимбервулвс постигна 50, додека Шаи Гилџеус-Александер од Оклахома Сити Тандер додаде 31 поен.

Ветеранот, 39-годишниот Леброн Џејмс, кој по 20-ти пат се појави на „Ол-стар“ натпреварот, со што го зголеми рекордот што веќе го поседува, по крајот на овој меч кажа што всушност беше единственото нешто што беше важно: „Добро е што никој не се повреди вечерва“.