Свет
25. November 2015 - 12:38

Исламски милитанти нападнале камп на индиската војска во Кашмир

Индиските власти соопштија денеска дека исламски милитанти нападнале еден воен камп на индиската војска во провинцијата Кашмир.

Во борбата е убиен еден индиски војник.

Претставник на Армијата во Њу Делхи изјави дека борбите на армиските сили и милитантите се уште траат.

Инцидентот се случил во воен камп кој се наоѓа сосема блиску до „Линијатаза контрола„ во Кашмир, која практично претставува граница меѓу Пакистан и Индија во оваа провинција, сместена под Хималаите.

Според индиските медиуми, тројца вооружени милитанти ја пресекле жичаната преграда и навлегле во индискиот дел од линијата на раздвојување, отворајќи оган врз војниците кои се во улога на граничари.

Засега нема други детали за инцидентот и за ситуацијата во провинцијата, освен дека индиската војска тргнала во контранапад.

Спорот на Пакистан и Индија, околу Кашмир и повремените судирања, што на три пати прераснаа во војна, трае повеќе од 60 години, откако и Исламабад и Њу Делхи тврдат дека оваа провинција е дел од нивната територија.

Мнозинското население во провинцијата се муслимани, па Пакистан инсистира дека Кашмир е негова територија по раздвојувањето на поранешната британска колонија на две држави, во 1947 година, но Индија се повикува на „меѓународен договор“ според кој провинцијата е индиска територија.

По последната пакистанско-индиска војна, Кашмир беше поделен на два сектори, кои се под контрола на секоја од двете земји-Пакистан го има западниот сектор, кој е целосно населен со муслимани, а Индија, источниот во кој Индусите се во мало мнозинство.

Минатата недела, беше регистриран сличен ваков инцидент, кога исламски милитанти нападнаа индиски воен камп во Кашмир, при што беше убиен еден индиски полковник, а двајца војници беа тешко повредени.