Фудбал
29. October 2015 - 13:00

Иско бега од Шпанија во Англија

Франциско Роман Аларкон Суарез, попознат како Иско, сака да го напушти Реал Мадрид уште во зимскиот преоден рок, пишуваат шпанските и англиските медиуми.
 
На Иско, како што се чини, му е дојдено преку глава, доста му е од споредни улоги и сака да игра главна улога, а доколку тоа не може да го прави во Реал, тогаш во некој друг клуб.
 
Со закрепнувањето од повредите на Герет Бејл и Хамес Родригез и нивнотот враќање меѓу првите 11, Иско се пресели на клупата, а тоа никако не му се допаѓа. Дури и кога почнуваше како стартер, Рафа Бенитез постојано го менуваше, во седум од десет меча.
Во Кралскиот клуб е преголем метеж, конкуренцијата е голема, а Иско го загубил трпението, бидејќи има 23 години а сè уште не се наметнал да стане постојан стартер.
 
Некои англиски медиуми пишуваат дека Иско имал разговор со претседателот на Реал Флорентино Перез и побарал трансфер. Перез наводно со тешко срце се согласил да го продаде, но никако под 50 милиони евра. Први во редот стојат Арсенал, Ливерпул и Челзи.
 
Арсен Венгер веќе успешно работеше со Перез. Тобџиите во 2013 година од Реал го донесоа Месут Озил. Јирген Клоп само што пристигна во Ливерпул и бара засилувања. Иско добро би му дошол, исто како и на Жозе Мурињо, кому исто му се потребни засилувања.
 
На Реал не му се брза, Перез сигурно ќе лицитира и ќе ја чека најдобрата понуда. Не е исклучена и трампа, Еден Хазард да дојде во Реал, а Иско во Челзи. Прашање е само колкава доплата ќе побара Челзи за Белгиецот.