Свет
9. February 2016 - 16:03

Ирачката армија обезбеди целосна контрола врз Рамади, патот кон Багдад повторно отворен

Владата во Багдад соопшти дека ја повратила целосната контрола врз градот Рамади, откако од него се повлекоа џихадистите од Исламска држава, пренесоа американските медиуми.

Патот од Рамади до Багдад, исто така, повторно е под владина контрола, информира ирачкото Министерство за внатрешни работи.

- И покрај тоа што ирачките сили за безбедност ја повратија контролата врз градот, екстремистите во него оставија илјадници експлозивни направи. Опасноста од екстремистички напади, исто така, останува висока, изјави полковник Стив Ворен, портпарол на меѓународната коалиција против Исламска држава.

Ирачката Влада уште во декември ја избрка Исламска држава од центарот на Рамади и се бореше да ја поврати контролата врз неговите приградски населби.

Групата го зазеде Рамади во мај 2015 година, што беше најтешкиот пораз за ирачката армија по падот на Мосул претходната година.

Исламска држава се уште ја контролира Фалуџа, градот источно од Рамади, и вториот по големина град во земјата - Мосул, потсетуваат француските медиуми.