Македонија
16. January 2025 - 16:59

Интерпелацијата даде резултат – Илире Даути си поднесе оставка

По една недела откако пратениците и изгласаа интерпелација, но собранискиот спикер Гаши не ја разреши по автоматизам, Илире Даути повеќе не е претседателка на Комисијата за социјална политика. Таа самата на седница поднесе оставкa. Сега на ред се од Европскиот фронт предводен од ДУИ да предложат нов пратеник кој треба да ја предводи оваа собраниска комисија. 

Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица, а со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ Собранието констатираше дека основани се наводите дека Даути го прекршила Деловникот за законот за бранители.

Сепак, денешниот потегот на пратеничката на Села предизвика проблеми на седницата. Таа бараше нејзината оставка веднаш да биде констатирана од Гаши, а и по секоја цена да ја образложи. Даути застана на говорницата и не ја отстапуваше повеќе од половина час, карајќи се и со Гаши и со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски.

На помош на Даути дојдоа и пратениците на Европскиот фронт предводени од Блерим Беџети и Талат Џафери, а ВМРО-ДПМНЕ и Левица излегоа од салата. Сепак, на крај Гаши попушти: Даути ја образложи оставката, по што беше констатирана.