Македонија
6. January 2017 - 12:42

Интензивно се чисти снегот во Струга и Струшко

Улиците и патиштата на територијата на Општина Струга се чистат и засега нема поголеми проблеми, информира претседателот на Општинскиот штаб за кризи Абдула Ќазимоски.

За одржување на улиците во градот и руралните средини, нагласи дека се ангажирани повеќе фирми, но на терен се и екипите на Јавното комунално претпријатие.

- Засега нема некој поголем проблем, а и снегот не беше со голем интензитет. Поголем проблем може да направат ниските температури во вечерните часови со формирањето мраз. Генерално сега е добро, се надевам дека добро ќе се справиме со сите можни потешкотии, изјави Ќазимоски за МИА.

Општината, подвлече тој, е подготвена и за поголеми врнежи од снег.  

- Вчера имавме состанок со претставници на сите релевантни институциите: Брзата помош, Центарот за јавно здравје, Полициската станица, ЕВН...  и генерално сите се подготвени за секој поголем зафат ако е потребен. Мислам дека нема да има поголеми проблеми, заклучи Ќазимоски.

Претседатлот на општинскиот штаб за кризи истакна дека годинава добро се исчистени и речните корита и нема да предизвикаат проблеми и излевања.

-  Имаме проблеми во селата кои ги спојува реката Црн Дрим затоа што каналите надоаѓаат и се излеваат низ патиштата што предизвикуваше проблеми за возачите, рече Ќазимоски.

Во повисоките струшки села снежната покривка изнесува и над 20 сантиметри.