Инспекторите излегуваат на терен за случајот на малата Ембла
Ембла е повторно со своите соученици, но проблемот останува. Случајот од Гостивар кој го обелодени ТВ Клан, за девојчето со Даунов синдром кое е непожелно во училница, ја разбранува јавноста.
Петицијата што ја потпишале родителите на соучениците на Ембла за таа да биде отстранета од настава ја покажува незрелоста на општетството, вели Народниот правобранител кој отвори предмет.
Омбудсманот формира тим кој треба да ги провери сите наводи за случајот и да оствари средби со родителите на Ембла, но и родителите кои ја потпишале петицијата.
Проблемот во овој случај е во возрасните полни со предрасуди, а не во малата Ембла, велат од Хелисиншкиот комитет.
„Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас.
Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија.
Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска“.
Затоа Хелсиншки бара општина Гостивар да го разреши директорот на училиштето затоа што дозволил ваков развој на настаните.
Градоначалникот на Гостивар денеска се сретнал со таткото на Ембла по што најави дека ученичката ќе се врати во клупа. Тој вели дека општеството треба да покаже поголема хуманост и разбирање кон ваквите деца за кои рече дека се „дар од бога“ и да бидат прифатени.
Утрово и министерот за образование објави дека Ембла е со своите соученици и и вети дека ќе застане зад неа во секоја следна битка.
„Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други“.
Родителите на соучениците на Ембла со петиција барале таа да биде отстранета од училница затоа што ја попречувала наставата и била агресивна.
Проблемот траел подолго време, а директорот го решавал така што девојчето ротирало во три паралелки, со различни наставнички, а настава следела и сама во посебна просторија со слабо греење. Дали ќе има одговорност за директорот, градоначалникот Таравари денеска не одговори.
Државниот просветен инспекторат контрола во гостиварското училиште ќе изврши дури следната недела.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар