Инспекција не стигнала до „Пулс“ пред трагедијата, објектот бил затворен, новата фирма без надзор
Инспекторката за животна средина во општина Кочани, требало да прави увид во кабарето „Пулс“ три години пред пожарот, ама објектот не работел. Вака денеска во судницата сведочеше Лета Ѓорѓиева која кажа дека при контрола на кафичот на Дејан Јованов, дознала дека правниот субјект има и подружница Пулс, но фирмата повеќе не била активна.
Контролата била предвидена со планот за редовен инспекциски надзор со кој биле опфатени сите кафичи во трговскиот центар. Потоа, не била направена контрола за новорегистрираните правни субјекти во сопственост на Јованов.
„После 2022 година, не е направен редовен надзор врз новиот правен субјект. Тој не е ставен во годишната програма за редовен надзор, а немало ниту поплаки за да се спроведе вонреден инспекциски надзор“, изјави во судницата Лета Ѓорѓиева, општински инспектор за животна средина.
Ѓорѓиева појасни дека ретко се контролирале угостителските објекти за нивното влијание врз животната средина, бидејќи како што рече, се проверувала само бучава. Приоритет имале фирми кои со своето работење можат да ги загадат воздухот, водата или почвата.
На денешното судење за пожарот во кочанската дискотека, сведочеа и тројца преживеани кои биле гости кобната ноќ на 16 март. Сите рекоа дека објектот брзо се исполнил со густ чад, а во извлекување на заглавените кај вратата, помагале членовите на обезбедувањето.
Сведокот Венко Јовановски кажа дека во Пулс имало уште една врата која околу новогодишните празници ја користел да излезе на цигара, но не знаеше да каже дали и трагичната ноќ вратата била отворена. Гледале и како присутните со чаши вода се обидувале да го изгасат запалениот плафон.
„Околу 2:30 почна пожарот, веднаш им реков на другарите да излеземе. Брзо се бутнавме до излезот, малку се заглавивме и ако задоцневме 8 до 12 секунди, немаше да излеземе“, изјави сведокот Мартин Димитров.
Пред судот сведочеше и Анастасија Илиева, која кажа дека во Пулс влегла со своите малолетни другарки, но никој не им побарал лични карти.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
