Македонија
23. January 2018 - 16:07

Иницијатива постои, координација пред средбата со Ципрас нема да има

Премиерот Заев дефинитивно ќе оствари прва средба со грчкиот премиер Ципрас во Давос без претходна координација со Претседателот Иванов и најголемата опозициска партија по предлогот на Нимиц.
 
,,Владата на Република Македонија, преку Министерството за надворешни работи е во координација со кабинетот на Претседателот на Република Македонија околу организирање на координативна средба на која ќе се дискутира за рамката доставена од медијатор Метју Нимиц. Во моментов останува да се утврди датум, а средба ќе се случи деновиве‘‘, велат од владата.
 
Од кабинетот на Иванов велат дека МНР иницира одржување на координативен состанок, за предлогот на медијаторот Нимиц, но средба не е закажана.
 
,,Претседателот Иванов е подготвен да присуствува на ваква средба. Засега, до Кабинетот на Претседателот не е пратена потврда на термин за одржување на овој состанок‘‘, соопштија од кабинетот на Иванов. 
 
Заев патува во Давос вечерва или утре изутрина, со што е извесно дека координација пред средбата со Ципрас нема да има.
 
Грчките медиуми пишуваат дека средбата на двајцата премиери ќе биде клучна за спорот за името, бидејќи решавање на прашањето се подига на највисоко ниво.
 
Во меѓувреме, владата на грчкиот премиер и натаму е на удар на главната опозициска партија Неа Демократија. Спротивставените страни во сите медиуми се обвинуваат за неделниот протест во Солун и предавство на националните интереси.
 
Грчкиот архиепископ Јеронимос изјави, дека иако црквата е против терминот Македонија во името на земјава, добро е што владиците го послушале и не излегле на протестите, односно од 82-ца од цела Грција на протестот се појавија само 9.
 
Нови демонстрации се најавени за 4-ти февруари во преградието Пиреја, наместо во центарот на Атина, како што претходно беше најавено.
 
Против присвојувањето на името Македонија од страна на грчките националисти, реагираше и коалициониот партнер на бугарскиот премиер Борисов.
 
ВМРО-БНД, партијата на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, на Грците кои протестираа во Солун им порача дека не се во право. Во соопштение повикаа на компромис, без притоа да и се ,,витка раката‘‘ на Македонија.
 
,,Денешна Грција сака целосно да си го присвои името Македонија. И тоа не може да биде толерирано. Ние од ВМРО-БНД се категорични за тоа! Сега е моментот да ви напомнеме: пријатели, Грци, на нашиот грб има три лава – Мизија, Тракија и Македонија. Не заборавајте, кога ја понижувате Македонија, не понижувате и нас. А, ние не се плашиме од тоа. Затоа што си ја памтиме историјата‘‘, соопштија од ВМРО-БНД